Наш ИзборНаш изборОхрид

Постот како повик за средба со Христа

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Стоејќи на прагот на Светиот и Велики Пост, духовно осветлени и умудрени од претходните три подготвителни недели, денеска, во оваа четврта недела, сме призвани да размислиме за подвижничката суштина на нашиот аскетски пат. Во Божествената мудрост на денешното евангелско четиво изговорено од устата на нашиот Спасител Господ Исус Христос, се открива правилниот стремеж за вистинското богатство. Луѓето честопати се заведени од материјалното богатство на овој свет и сметаат дека токму тоа е извор на нивната сигурност. Многумина со сите свои сили се трудат да го натрупаат, верувајќи дека во него лежи гаранцијата за нивниот добар и безбеден живот. Сепак, Христос ни укажува на еден сосема поинаков пат, потсетувајќи нѐ дека само духовното богатство е она коешто не знае за пропаѓање.

Постот што сега ни го предлага Црквата не е само воздржување од одреден вид храна, туку пред сѐ, едно духовно движение кон непропадливата ризница на Царството, кон најголемиот празник на верата наша – Воскресението Христово, коешто е, всушност, и крајната дестинација на нашето земно патување. Бог јасно ни укажува дека сме создадени за живот во блаженство и љубов. Затоа, предвкусот на тоа Царство небесно веќе дејствува меѓу нас, на секоја Света Литургија и преку празничното славење во благодарност, смирение и духовно ликување, особено преку празнувањето на Христовото Воскресение.

Во текот на ова движение кон главната цел ние сме повикани да се причестуваме со Божјата љубов, како и со љубовта помеѓу нас. Затоа од суштинско значење за нас е да научиме да проштаваме еден на друг и се разбира, да се подвизуваме со добар и благословен подвиг. Постот е токму тоа, подвиг и арена за практикување на добродетелите: проштавањето, милосрдноста, трпението, смирението, воздржанието и љубовта. Светите Апостоли, следејќи Го Христа за време на Неговиот земски живот, вкусија од најголемото богатство што може да постои – заедницата со Него. Но, кога почна да настапува времето на притесненија и искушенија, кога Христос пророкуваше за Крстот и за Своето страдање, еден од Неговите ученици, искушан, според тогашното убедување на повеќето Евреи, од сопствените очекувања за некаков Месија со земско царство и моќ, во кое тој ќе има угледно место и власт, подлегна на искушението да Го предаде.

Светата Црква во пресрет на Светата Четириесетница, не само што нѐ повикува, туку и нè поттикнува кон една засилена аскеза. Патот кон Воскресението, како пат кон соединувањето со Бога, воопшто не е лесен. Напротив, тој е една патека на жртвување, на воздржание и борба. Во текот на „Четириесетдневната пролет“ нѐ очекуваат и студени ветришта и бури, кои ја бараат наша несомнена решителност и храброст. Не треба да ја заборавиме лекцијата од Евангелието за ученикот кој, заробен од овоземното, Го предаде Бесценетиот за триесет сребреници. А не беа за пофалба ни другите Апостоли, кои кога се соочија со своите човечки слабости што сите ние ги имаме, во моментот кога беа ставени пред најтешкото испитание – изборот меѓу животот и смртта, тие се разбегаа, оставајќи го својот Учител. Дури и Петар, најревносниот и би рекле, најхрабриот меѓу нив, три пати се откажа од Христа пред да запее петел, токму онака како што му беше претскажано. Сепак, Апостолите не беа заслепени од земното и приврзани за материјалното како Јуда, туку ја сочуваа верата и надежта дека нема да бидат оставени од Спасителот. Еднодушни и во молитва, тие ја очекуваа утехата одозгора и накрај го видоа и се причестија со Христовото Воскресение. Нивниот пример нè учи на смирение и на осознавање на нашите човечки немоќи и недоволност.

Мили мои, целта на овој пост што ни претстои е да го почувствуваме и да бидеме сведоци на Христовото Воскресение, да се соединиме и да заедничариме со преслаткиот наш Христос. Затоа, неопходно е да се подготвиме и да се вооружиме со христијанските добродетели: воздржание, молитва, милосрдие и љубов. Овие добродетели треба да бидат стожерот на нашиот од во постот. Без нив, тој би бил само една обична диета, без никаква длабока духовна вредност. Во нашиот современ живот видлив е култот кон телото на човекот и немајќи со што друго да се пофали, модерниот човек сѐ повеќе се изразува себеси преку телесната голотија и физичките атрибути, а сѐ поретко преку добродетелите на душата. Оваа опсесија со физичкиот изглед и со многуте диети што се следат како модни трендови, во никој случај не смее да се поистовети со светиот пост, ниту да нѐ одвлече од вистинската суштина на блаженото воздржание, која е всушност преобразбата и облагородувањето на душата и срцето. Да, точно е и тоа дека постот е здрав и за телото, но неговата примарна вредност е дека ни е даден како средство за духовно и душевно лекување, препорачано од Самиот наш Спасител. Затоа, да го исползуваме ова благословено време како една од Бога дадена можност за духовно напојување на нашите души, та тие да расцветаат со плодовите на духот и да пораснат во познанието и во љубовта кон Него. Да ја прифатиме со отворено срце и душа заповедта за постот што Господ Христос ни го дарува. Со нашето настроение да го следиме примерот на древните Ниневијци, кои под водство на својот цар, го слушнаа гласот Божји изговорен преку пророкот Јона; го слушнаа повикот на покајание и се одратија од своите лоши патишта, спасувајќи го целиот народ од неминовната пропаст. Проповедта на пророкот Јона и чудесната промена на срцата на Ниневијците остануваат длабоко вкоренети во нашата христијанска традиција, како светол потсетник за моќта на искреното покајание и на постот. Таа промена, таа потреба за духовно преобразување и преумување, е исто толку релевантна и потребна и денес. На една од богослужбите во изминатава недела, една стихира нѐ повикуваше токму на тоа – да го прифатиме постот како што го прифатиле Ниневијците: „Радосно да ја примиме, верни, боговдахновената заповед за постот, како некогаш Ниневијците… Со воздржание да се подготвиме за Тајната Вечера на Сион; со нашите солзи уште отсега да се очистиме, пред да нѐ измие Он (како апостолите)“. А времето неумоливо се приближува, часот на средба со Христа неизбежно ќе дојде. Затоа важно е да се покажеме подготвени за тој чин, бидејќи на крајот од овој живот, нашата конечна средба ќе биде со Господа. Како што и крајот на овој пост ќе биде една благодатна средба со Христа воскреснатиот, Кој во полнота ќе ни се објави.

Во Христовиот акт на смирение, кога Он им ги изми нозе на Своите ученици, ни е покажан примерот на Божествените љубов и смирение, коишто треба и ние да ги следиме. Господ се испразни од Своето Божество, стана човек, ги рашири Своите раце на Крстот на Голгота, за да нѐ прегрне сите нас, да нѐ измие и очисти. Он сѐ направи заради нас и нашето спасение. Да не дозволиме, сега, нашите срца да станат закоравени од материјалните богатства, та да заприлегаме на Јуда, опседнати со земските нешта. Така ние ќе се разминеме со Господа и нема да стигнеме до целта за која сме сотворени.

Затоа, возљубени, да го прилепиме своето срце за Христа, оставајќи ги земските привлечности. Материјалните богатства што ни ги дава Господ на овој свет се само едни мали и незначителни дарови кои не би требало да нѐ одвратат од вистинското богатство – она што е вечно и неминливо. Ние можеме мудроста и разумот што ни се дадени од Бога да ги употребиме за да стекнеме и материјално богатство, но тоа истото треба да ни послужи и за да им помагаме на сиромасите, да градиме и да им помагаме на храмовите Божји, да ја поткрепуваме мисијата на Црквата и да чиниме бројни добрини, со што нашата душа се приближува кон Царството Небесно. Историјата на Светото Писмо ни укажува дека многу богати луѓе станале Христови ученици, како на пример, Светиот Јосиф од Ариматеја, кој и својот гроб – во тоа време многу скапа гробница, издлабена во камен, наменета за погребување на богати– го дал со голема љубов за Христа, покажувајќи несебичност и жртва. Христос ни вели: Каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше (Матеј 6,21). Ако срцето ни е приврзано само кон земските блага, тогаш и нашата иднина ќе биде приврзана за нив. Не можеме да му служиме на Мамона и на вистинскиот Бог; богатството, кога со него не се располага во рамките на Божјата милост и на милосрдноста, може лесно да стане наш идол. Затоа Христос го споредува со Бога. Да бидеме, затоа, мудри и внимателни и да ги искористиме нашите блага на земјата како средство за духовно возрастување, а не како пречка и искушение кое ќе нѐ отуѓи од Бога.

Пред нас е едно свето и благословено време. Од утре започнува чистата недела, наречена така заради очистување на душите преку молитва и пост, којашто нѐ води кон Тодорова сабота и кон триумфалниот празник во Неделата на Православието. Со големо воодушевување и духовна радост ви посакувам плодотворен и богоугоден пост. Многу можат да направат оние кои се каат и се молат со солзи. Не велам праведници, бидејќи сите ние сме обременети со гревови, туку покајници. Покајници, чиишто срца и души се преплавени со желба за Божјата благодат. Светот во кој живееме, сега повеќе од кога било, има потреба од Божјото милосрдие и просветление. Наша задача е да се молиме за тоа, да бараме од Бога, овој свет кој сè повеќе тоне во гревот и злото, да го осени со Својата светлина. Затоа, мили мои, ние Христијаните треба да бидеме подготвени и да ги ловиме моментите кога светот ќе сака да излезе од тоа дно – зашто добро знаете дека не се живее во тој мрак. Човечката душа, заробена од гревот, постојано се измачува, очајно сака да излезе од таа состојба. Кога тој копнеж ќе стане незадржлив, сите ние во Црквата, најнапред архиереите, свештениците, монасите, но и вие, Христијаните, треба да бидеме подготвени да го прегрнеме тој свет кој ќе покаже желба за покајание и ќе посака повторно да дојде при Христа. Но да се запрашаме самите: Дали сме вистински подготвени да го прегрнеме страдалниот човек и на светот да му Го дадеме Христа, како одговор за сите негови проблеми? За жал, мораме да признаеме дека и ние Христијаните понекогаш се вовлекуваме во светскиот дух на раздор и осудување. Колку само верници го изгубиле својот евангелски етос, па станале кавгаџии и осудувачи. А би требало да живееме во љубов, во милосрдие, во пост и во молитва. Таа е нашата вистинска патека. Секој пост треба да биде духовна аскеза, растење во духовноста, во стремежот и трудот да се приближуваме кон Бога – тоа е суштината на нашиот христијански живот и затоа таа аскеза не треба да престане со постот, туку да продолжи и понатаму, сѐ до нашиот конечен исход. Срцето сега ми е исполнето со љубов кон сите вас и со желба за ваше духовно напредување. Барам прошка од сите вас доколку некого сум ожалостил и ве благословувам со цело срце. Нека ви биде постот благословен и богоугоден!

Добра Четириесетница!

 

 

 

Бигорски манастир