АктуелноИздвојувамеНаш ИзборОхридПоследни ВестиСпорт

Шампионски триумф на Теа Донева од Б.К. Аждер во Грција

Викендов во грчкиот град Лариса се одржа традиционалниот Интернационален турнир во борење „Ахилеиа 2025“, а на него забележителен настап имаа македонските претставници, меѓу кои и нашата Охриѓанка Теа Донева од Б.К. Аждер, која освои прво место на овој меѓународен турнир во борење. Донева тренира под менторска палка на Илија Спасески – основоположникот на борењето како спорт во Охрид. Донева оствари две победи над такмичарки од Грција и една победа над такмичарка од Бугарија.

Екипно, во конкуренција на борачи до 15 години, од 10 држави, Македонија го освои првото место, пред Грција и Молдавија, а во поединечна конкуренција, вкупно 12 наши учесници освоија медали.

Кај мажите, тројца се закитија со злато: Абдулазиз Азизи до 52 килограми, Лука Ананиен до 41 килограм и Димитар Атанасов до 75 килограми, тројца освоија сребро: Даријан Павлев до 68 килограми, Дардан Бела до 57 килограми и Христијан Димитријев до 85 килограми и тројца бронза: Ендрит Сулејмани и Заим Заими до 38 килограми и Матеј Трајковски до 62 килограма. Во женска конкуренција, Теа Донева освои прво место до 54 килограми, Изабела Зајков е втора до 62 килограма, а Спасија Василева трета до 50 килограми.

Тренери на борачите се Марјан Христов (на девојките) и Јазин Резалари и Риад Реџепи (на момчињата), додека на турнирот, од Македонија учествуваше и судијата Игор Христов.

Sport1.mk / Ohrid1.com