понеделник, ноември 18, 2024
Наш ИзборНаш изборОхрид

Сеноќно бдение во чест на „Достојно Ест“

Немаме слово достојно за Онаа Која Бог Словото Го роди, нема уста човечка која ќе ја восфали Онаа Која Спасителот на светот на земјата Го симна и со нас Го сроди. Но да Ѝ се оддаваат пофалби и благодарност е неодминливо и насуштно за сите Христијани, а особено за монасите. Пресветата е пристаништето на нашата надеж, радост и одмор духовен, тивка наслада. Таа е Царицата на ангелите и Мајката на луѓето. Ангелскиот род на небото со славословија торжествуваат околу Неа, велегласно ја воспеваат Пречистата и Пренепорочна. А луѓето, пак, смирено на земјата ангелоподобно со благодарност, молитва и песна, со скрушеност и умиление ја фалат.

Така и ние, собрани во Бигорскиот храм на Претечата и прегрнати од Мајката Спасителова и своја, стоевме пред нејзиниот чудотворен образ „Достојно Ест“, скрушено излевајќи ги молитвените прозби. Умилното сеноќно бдение, благословот на Божествената Литургија, со која чиноначалствуваше нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, во сослужение на бигорските браќа и Протопрезвитерот на Вселенскиот Престол г. Бобан Митевски, и литијата со иконата околу храмот, ги исполни нашите души со силен благослов. Споменот на иконата на Пресвета Богородица наречена „Достојно ест“, која во Свештената Бигорска Обител е истообразна со онаа првата која до денес се чува во Кареја на Света Гора, секогаш нежно ги гали нашите срца. А нашиот Старец, кој уште од детството е приврзан кон оваа икона и кој растел во мајчинската закрила на Пресветата, ни ја пренесе својата љубов и пофалби кон Неа преку беседата која ја искажа на Светата Евхаристија.

 

Бигорски манастир