Наш ИзборНаш изборОхрид

Присуството на Богородица преку иконата „Достојно Ест“

Ѝ благодариме на Царицата Мајка што и оваа година нè благослови да се собереме на бдение, во сеноќна молитва пред нејзиниот сечесен и чудотворен Образ, наречен „Достојно Ест“, кој се празнува токму денес. Според нејзината изобилна милост, нашата Обител е почестена во својот католикон да го има благословот на овој познат и омилен Образ на Пресветата Мајка Божја.

Имено, иконата пред којашто вечерва молитвено стоиме, пристигна во Манастирот набрзо после пожарот од 2009 година, како една силна мајчинска утеха за нашите повредени срца. И со самото свое доаѓање, Таа, милата и пресвета Мајка наша, Која секогаш е волна да ги слушне нашите болки, нашите искрени молитви, тогаш ги израдува и ги оснажи нашите срца, влевајќи во нив бодрост и духовни сили за претстојниот подвиг околу обновата на опожарениот конак. Иконата ни дојде како најголем благослов од Градината на Пресвета Богородица, од Светата Гора Атонска, каде што, впрочем, повеќе од десет века се чува нејзината првообразна икона „Достојно Ест“. Оттаму, од сечесниот Храм на Протатонот во Кареја, Таа ја благословува целата Света Гора и таму, како што се изразува блаженоупокоениот Старец Емилијан Симонопетриски, е нејзиниот престол на Земјата.

Значи, откако беше направен идентичен примерок, со восочен отпечаток на оковот, ние тогаш бевме удостоени нашата икона да биде допрена и осветена од првообразната „Достојно Ест“, а потоа, со иконата, да отстоиме на бдение за празникот Воведение на Пресвета Богородица, во Манастирот Симонопетра, заедно со почитуваниот игумен, Старец Елисеј и монасите. Најпосле ја донесовме овде како утеха за монасите и за целиот верен народ, кој посакуваше што поскоро да се обнови Светијовановото Светилиште. И навистина, најмногу по молитвите на Пресветата Богомајка наша, Која е заштитница на машкото монаштво и со жртвата и самопрегорните трудови на братството, за многу кратко време Манастирот повторно го врати својот изглед и убавина, а беше збогатен и со нов конак.

И при првото мое одење на Света Гора, првата Светиња којашто ме пречека беше токму иконата „Достојно Ест“. Во тоа време, впрочем, така беше устроена поклоничката програма за Атон. Сите поклоници мораа најнапред да дојдат во градот Кареја и да се поклонат прво на иконата на Пресвета Богородица „Достојно Ест“. Никогаш не ќе можам да го заборавам впечатокот од моето прво поклонение пред оваа чудотворна икона! Тоа беше како една реална средба со Пречистата, средба што до ден денес си ја чувам во своето срце. Пристапувајќи кон иконата, имав чувство дека се доближувам до самата Пресвета Богородица. Тоа чувство го споделуваа и други поклоници, така што несомнено е дека иконата „Достојно Ест“ има навистина голема благодат, преку неа силно се чувствува присуството на Мајката Божја, која прави безброј чудеса.

Така, мили мои, Пресветата наша Богородица е присутна меѓу нас преку своите чудотворни икони и ни испраќа изобилна благодат. Ги слуша нашите молитви. Ги знае нашите болки и страдања. Ги лекува нашите слабости. Еве, и ова вечер и ова утро, додека стоиме пред нејзиниот пресветол мајчински лик, Таа нè благословува, ги слуша нашите молби како добра Мајка, ги гали нашите срца со својата нежна мајчинска љубов. Затоа, да ги отвориме своите срца за Неа и до крајот на Светата Литургија да ѝ се молиме, за да останеме утврдени во верата во нејзиниот Син, Господ наш Исус Христос, та да можеме благодатно да чекориме низ врвиците на овој живот и да бидеме Христови сведоци на овој свет. Оти, нашето спасение во најголема мера зависи од споделувањето на Божествената благодат, од тоа дали им ја принесуваме и дали ја просиме за нашите ближни, за нашите браќа и сестри во Бога. Мисија на Христијанинот е да биде показател кон Царството Небесно, кон Христа. Во свет во којшто живееме, крајно вознемирен од гревот, човекот се наоѓа во конфузија, во страв и во меланхолија. Затоа денес, можеби повеќе од кога и да било претходно, потребно е живо сведоштво за Христа, Кој единствен ги има одговорите на сите онтолошки прашања и решенијата на сите егзистенцијални проблеми. Следствено, ние кои сме удостоени со познанието на вечно Живиот, имаме одговорност и должни сме да го пренесуваме тоа познание и на другите, на тој начин што ќе живееме достојно на нашиот христијански призив. Јасно ни е на сите дека да се биде Христијанин според животот, не е воопшто лесно, бидејќи потребно е да се носи крст. Но, исто така Црквата Божја знае дека Богородица, нашата Мајка, безрезервно и родителски ни помага во носењето на нашиот животен крст, така што со Неа ние се чувствуваме како деца под мајчинска заштита. Таа ни Го донесе спасението, Таа ни Го роди Христа во светот, ни ја отвори вратата со своето ДА, со својата доброволна жртва и со доброволните подвизи, со својата беспрекорна чистота и со својата пречиста љубов.

Ве замолувам да ја помолите утрово Пресветата Мајка да му дава сили и благодат на ова свето братство кое стои на подвиг овде, та сите монаси да останат до крајот верни следбеници Христови, посветено носејќи ја схимата во која се облекле. Ви го говорам ова, бидејќи монашкото живеење воопшто не е лесно. Да, монасите имаат најголема чест, но и најголем крст. Како што говореше Преподобниот Старец Паисиј, монасите секогаш се на првата борбена линија за Црквата, тие се радио-везисти со Бога. Затоа, секогаш кога се молите за себе, за своите ближни, помолете се и за монасите, оти тие имаат многу важна улога во црковниот живот.

Нека Пресвета Богородица, чиешто благодатно присуство сите го чувствуваме вечерва, биде секогаш со нас и нека ни дава на сите сили да бидеме дејствителни Христијани до крајот на овој живот, а потоа да бидеме сите заедно со Неа во посакуваното Царство Небесно.

 

Бигорски манастир