Од 10-12 мај во хотел Дрим во Струга се одржа шестиот Државен натпревар за ученички компании во организација на Џуниор Ачивмент Македонија. Од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид учествуваа два тима од кои едниот создаде мобилна апликација за мапирање и пријавување диви депонии со цел заштита на животната средина и помош на ЈП Комунално претпријатие од Охрид за побрзо справување со дивите депонии.
Компанијата „GreenForce“ составена од учениците: Ана Спироска, Ана Атанасовска, Дарко Крлески, Климент Маријаноски, Александар Спасеновски под менторство на професорката Ирена Ралева-Најдевска ја претстави својата апликација TrashPinger која реално постои на нивната веб-страница и може да се презема и да се користи.
Исто така, апликацијата би била од огромна полза и за здруженијата за екологија кои секојдневно излегуваат на терен и се справуваат со отпадот. Со добра мисла и за почист и поубав Охрид, велат учениците и менторката.