АктуелноОхрид

Андријана Башоска: Новата туристичка реалност се разликува од претходната

Неодамна во Берлин, Германија се одржа најголемиот и највлијателен саем за туризам во светот. Охрид и Северна Македонија ја претставија својата понуда на истиот. Андријана Башоска, туристички работник и претставник на туроперторот Енџој Балканс, за Глас на Америка вели дека по три година пауза поради пандемијата, оваа година на саемот за туризам во Берлин биле очигледни новите трендови во туризмот, кои се наметнале како последица од пандемијата, војната и глобалните промени.

Глас на Америка: Беше дел од саемот за туризам во Берлин, кој важи за најголем во Европа и светот. Според тебе, оваа година биле очигледни новите трендови во туризмот кои се наметнале како последица од пандемијата, војната и глобалните промени. На што мислиш, кои се тие нови трендови?

Андријана Башоска: Новата туристичка реалност во многу сегменти се разликува од претходната. Фокусот е различен, а има и нови целни групи во туристичката индустрија. Најголем фокус е ставен во дигитализацијата и во одржливоста на дестинацијата. Дигитализацијата полека но сигурно си го зазема своето место, така да хартијата се заменува со онлајн системи, онлајн резервации, онлајн рекламирање, дигитални кодови, дигитални мапи, карти итн. Во овој контекст имаме дигитални помагала како телефон, лап топ, таблет и социјални мрежи. Сегашните туристи сакаат брза и стабилна интернет конекција, брзи услуги и решенија со притискање на едно копче и нарачување на туристички услуги во што е можен пократок рок. Оваа година покрај традиционалните сегменти во туризмот видовме и нови трендови во понудата. Најголем акцент кај новите трендови се става на еколошкиот туризам, бидејќи и во туристичката индустрија како и кај останатите чинители се повеќе акцент се става на климатските промени и нивното влијание врз околината. Светот се повеќе ќе се фокусира на еко туризмот за да се заштити планетата земја. Се повеќе се нудат и алтернативните форми на туризам. Новите трендови налагаат скратување на дестинацијата на патување, помали туристички групи и индивидуални туристи, одржливи сместувачки капацитети, одговорност кон локалното население и уживање во локално приготвена храна и пијалаци.

Глас на Америка: На саемот беа претставени и Охрид и Северна Македонија, каков беше интересот за македонскиот штанд и што им беше понудено на потенцијалните туристи?

Андријана Башоска: Ние сме се’уште нова и неоткриена дестинација за голем број туристи од светот. Интересот за Охрид и Македонија беше многу голем, а доказ за тоа се потпишаните многубројни договори со туроператори и меморандуми со значајни асоцијации од туристичката индустрија. Постои голем интерес за започнување на нови чартер летови и поврзување на Охрид и Македонија со многу европски дестинации. На потенцијалните туристи им беа понудени стандардните аранжмани со посета на нашите познати туристички центри, но беа понудени и се повеќе интерес има за алтернативните форми на туризам, активен туризам, рурален туризам ,еко туризмот. Посебен интерес има и за вински туризам, кој е пропратен со вкусни локални специјалитети.

Глас на Америка: Се покажало дека водечки светки сили во туризмот останаа Хрватска и Грција од регионот, а во Европа и светот Италија, Шпанија, Португалија и Турција?

Андријана Башоска: Водечки светски сили во туризмот беа и остана Хрватска и Грција од регионот, а во Европа и светот се Италија, Шпанија, Португалија, Малдиви, Дубаи. Овие земји имаат голем потенцијал и со големи кампањи им го презентираат на светот. Овие земји издвојуваат големи средства за промоција на туризмот, бидејќи на тој начин си ја промовираат и државата. Исто така и пристапот на овие земји е туризмот да го третираат на многу повисоко ниво, бидејќи туризмот е многу битна гранка во економијата и има големо учество во нивниот БДП. Затоа овие земји издвојуваат големи средства за промоција на туризмот, бидејќи таа инвестиција повеќекратно им се враќа.

Глас на Америка: Новина се е отворањето на арапските земји кон светот, кои вложуваат многу?

Андријана Башоска: Дубаи многу вложи во туризмот и стана една од најпознатите туристички дестинации. По нејзиниот пример почнаа Катар, Оман, Саудиска Арабија и останатите арапски земји многу да инвестираат во туризмот и така да се отвораат кон светот. Овие земји изминатите години многу заработија од продажба на нафтата и тие пари најмногу ги инвестираа во туризмот кој исто така им носи огромни профити. Карактеристично за понудата и промоцијата на овие земји е луксузот.

Глас на Америка: Која од државите од регионот е тренд во туризмот?

Андријана Башоска: Хрватска и Грција дефинитивно се едни од најпосетените држави не само во регионот туку и во светот. Нивното културно, природно и историско богатство се секогаш во тренд. Секогаш тука се и светски познатите ланци на хотели кои се изградија во овие земји, како и останати сместувачки капацитети кој се изградени и во кој нудат услуги со највисок квалитет. Исто така овие две држави имаат најдобра инфраструктура во регионот, а знаеме колку е таа битна за поврзување на различни дестинации. Последните неколку години Албанија бележи голем напредок и раст во туризмот. Се повеќе е посетена и поатрактивна за туристите .

Глас на Америка: Каде е Северна Македонија во овој контекст, и што треба да се направи за да ги следиме тековите, ако ништо друго барем на околните дестинации?

Андријана Башоска: Нашата дестинација е сеуште неоткриена за голем број туристи. На каков начин ќе ја презентираме, продадеме и како ќе биде доживеана од туристите тоа зависи само од нас. Ние ги имаме сите фактори кои се битни за успешна туристичка дестинација. Имаме богато културно, историско и природно богатство, прекрасна клима, храна која изобилува со вкусови, високо квалитетни вина. Мора да инвестираме и во услугата и во нови сместувачки капацитети со повеќе содржини. Потребни ни се нови кампањи во национални и светски рамки. Треба уште поголема промоција и афирмација на охридскиот регион како главен туристички центар во Македонија. Заштитата на Охрид и охридскиот регион под УНЕСКО како светско наследство со универзална вредност само по себе е реклама. Ние треба таа реклама да ја надградиме. Потребно е поголем број авио линии да се активираат и повеќе чартер летови за дојдовен туризам. Од мај се воведува авионската линија Скопје-Сплит, се возобнови авионската линија Охрид-Белград, но сепак најголемото поврзување е Франкфурт-Скопје. Сите овие поврзувања секако дека ќе доведат до зголемен број на туристи. Наше е туристите да бидат задоволни од услугата, а нивните очекувања да бидат исполнети и надминати.

 

Глас на Америка