АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Воведението на Пресвета Богородица ни ја открива целта на нашето суштествување

Денес, мили мои, со празнични песни и химни, го славиме чудесното претставување на Пресветата Богородица во Храмот Соломонов. Имено, на своја тригодишна возраст, малечката Дева Марија, измолената од Бога рожба на праведните Јоаким и Ана, била однесена од своите родители во Храмот Господов во Ерусалим, при првосвештеникот Захарија, таткото на Свети Јован Крстител.

Како што е познато од библиската историја, Соломоновиот Храм бил поделен на три дела: припрата или трем, наос – најголемиот дел каде што се собирал народот на молитва и местото наречено Светиња на Светињите, каде што апсолутно никој не смеел да влегува, освен првосвештеникот, и тоа еднаш годишно, за да принесе дар и жртва на Бога за простување на гревовите на народот. Тоа место, Свјатаја Свјатих, било одделено од останатиот дел од Храмот со една тешка завеса, на која биле извезени ликови на херувими. Внатре во Светињата на Светињите Јудеите го чувале Ковчегот на Заветот, во кој биле положени Таблиците со Десетте Божји заповеди што Бог му ги врачил на Мојсеј, а и други свети нешта, како што бил расцветаниот жезол на братот Мојсеев, првосвештеникот Арон, и сад со манна – храната со која Бог по чудо ги хранел Евреите во Јудејската пустина.

Што е впечатливо за денешниот празник? Тоа е фактот што свештеникот Захарија, надвор од себеси, во некаков Божествен занес, ја воведува малата Марија токму во Светињата на Светињите, иако таму, рековме, не смеел никој да влегува. Со ова вдахновение врз првосвештеникот, Бог сакал да покаже и да предрече дека токму Таа, Марија, чистата Девојка од Назарет, е всушност Онаа Која ќе Го воведе во овој свет Синот Божји.

Оттогаш Пречистата Дева останала да се воспитува во Храмот, сѐ додека, според тогашниот закон, не била предадена од свештениците на обручникот Јосиф. Таму, Таа самата постанала храм Божествен. Во своето срце, преку непрестајна молитва и подвиг, Таа ја подготвувала Божјата скинија, храмот каде што ќе се смести Несместливиот. Богородица била сецело оддадена на богомислие и боговидение. Свети Григориј Палама вели дека „Избраната пред сите векови, се покажа како посвета од Светиите и како Онаа чиешто тело е почисто и побожествено и од духовите утврдени во добродетелта. Таа не Го смести во себе само обличјето на словото Божјо, туку и Самото воплотено и еднородно Слово на беспочетниот Отец“. Таа воедно била и првата подвижница, првата Христова монахиња, која, според преданието, била поучувана од самиот Архангел Гавриил како да се подвизува во добродетелите и како да се подготви себеси, за да го прими предвечниот Бог и преку Неа да биде спасено целото човештво. Престојот, значи, на Пречистата во Храмот во Ерусалим, бил една непрестајна подготовка за тоа како Богородица да стане непосредна учесница во големата тајна на спасението на светот.

Мили мои, денешниот празник ни ја открива целта на нашето суштествување. Тоа е дека ние сме овде, за да се подготвиме себеси да станеме храмови на Божеството, да станеме богоносци. Главната карактеристика на човештвото пред Христа било исчекувањето на избавлението. Затоа во денешниот тропар за празникот се вели дека тој е „почеток на проповедање на Божјата милост и предвестување на човечкото спасение“. Целото човештво било во исчекување на нешто коренито што требало да стане, нешто што требало да го спаси човекот од тлението на смртта, од гревот и од безмерното очајание. Пресвета Богородица Го донесе Месијата во светот, не само преку Божјиот избор, туку, се разбира, и преку својата подготвеност, преку подвизите, љубовта, смирението и надразумната чистота што ја запазила. Затоа Христос ја избра Неа, за преку Неа да дојде и да нѐ спаси, предоставајќи ни ја величествената можност да станеме храмови Божји и така да го наследиме вечниот живот.

Честопати ја повторуваме вистинитата изрека дека животот е краток. А Господ во Евангелието вели: каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости? (Матеј 16,26) Следствено, многу важно е секогаш да имаме на ум дека тоа кратко време што го имаме на располагање, треба да го ползуваме за соединување со Христа. На тој начин ние ќе стануваме и вистински луѓе. Велам вистински, затоа што во денешно време, за жал, сè поретко може да се види човек во христијанска смисла на зборот. Живееме во епоха кога сите животни и морални вредности, втемелени на радосната вест од Евангелието Христово, биваат погазени и уништожени. Современото општество веќе во многу нешта наликува на онаа мрачна и безнадежна состојба што владеела меѓу луѓето пред доаѓањето на Христос. Господ Исус Христос дојде на Земјата како решение за сите егзистенцијални и духовни прашања кои го измачувале човекот со векови. Пред Него, одговор на прашањето за есхатонот немаа најдено ниту жреците на Египет, ниту философите во Хелада, ниту мудреците во Рим. Затоа нивните последователи накрај ѝ се поклонија и ѝ се приклонија на проповедта на Назарејците за воскреснатиот Син Божји. Човештвото Го прими Христа и така настана христијанската цивилизација, упатена кон Царството Божјо.

Денес, пак, гледаме како пред нашите очи таа цивилизација рапидно се распаѓа и луѓето хаотично се враќаат кон паганскиот примитивизам. Па така, кога ќе слушнете некогаш дека настраните тенденции со кои сè повеќе се соочуваме во секојдневието, се сметаат за нешто „модерно“ и „напредно“, секогаш имајте го на ум тоа дека тие се, всушност, нешто декадентно, регресивно и не се ништо повеќе од едно враќање кон некултивираниот примитивизам. Тие во никој случај не можат да бидат окарактеризирани како напредок или еволуирање кон иднината. Не може да биде прогресивно нешто што веќе се случило во минатото. Доволно е човек да ја погледне социјалната историја на човештвото пред Христа, за да сфати дека тука не станува збор за нешто досега невидено и ново.

Мили мои, Христијанството е здравје, и душевно и духовно, а се разбира и телесно. Христос секогаш останува единственото ново под Сонцето, единствениот прогрес и правата еволуција. Следствено, да го возљубиме Светото Евангелие и Личноста опишана во него. Повеќето од нас овде сме родени во таа пресвета вера, како православни Христијани. Да го отвориме Евангелието, да ги читаме Светите Отци, за да ја спознаеме нашата преубава вера, верата на Божјото откровение, која ќе ни помогне во ова време на безумство да останеме духовно и морално здрави. Да ја молиме за тоа и Пресветата Мајка Богородица, Којашто, бидете уверени, секогаш кога ѝ се обраќаме со љубов и искреност, ги услишува нашите молитви. Таа е голема Мајка, дадена од Бога како дар за целото човештво. Во Неа имаме најсигурна мајчинска поткрепа. Затоа многупати во црковните песни Таа е наречена Заштитница, штит на Христијаните, непобедлива кула и неосвоив град. Тука, во овој Манастир, сме удостоени со благословот да ја имаме нејзината чудотворна икона наречена Крнинска, која отсекогаш била поткрепа на Христијаните од овој крај, во сите метежи и искушенија од минатото. Пресвета Богородица закрилувала и тогаш, а и сега бдее и го заштитува Пречистанскиот Манастир и христијанскиот народ во ова поднебје. Да ѝ се помолиме на Царицата Мајка да ни даде благодатни сили, за во ова тешко време да останеме верни на вистинските вредности од Светото Евангелие.

 

Бигорски Манастир