АктуелноОхрид

Нема грев кој ја победува милосрдноста Божја

Има луѓе кои, бивајќи свесни за мноштвото свои гревови, доаѓаат до убедување дека Господ нема да им прости. Тоа убедување е невистинито. Колку и да е некој грешен, ако се обрати кон Бога со искрено покајание и скрушеност во срцето и ако вети останатото време од својот живот да го поправи своето поведение, утврдувајќи ја во душата своја намерата, дека ова ветување навистина ќе го одржи, Господ на таквиот неизбежно ќе му прости и без сомнение ќе му ја покаже Својата милост.

Во Антиохија живееше некој разбојник по име Јонатан. Тој убиваше многу луѓе по патиштата и во нивните домови, многу села ограби и градски предградија опустоши. Кога разбојништвото негово ја премина мерката на трпението на Антиохијците, тие испратија голема војска против него, ја уништија неговата дружина, а самиот Јонатан беше опколен од сите страни. Наоѓајќи се во крајно безизлезна положба, тој притрча до столбот, на кој се подвизуваше Преподобниот Симеон, грчевито се фати за столбот и горко заплака. Свети Симеон го запраша:

– Кажи ми кој си и зошто дојде овде?

– Јас сум Јонатан, разбојникот, – одговори тој;

– Направив многу зла, и дојдов овде да се покајам за моите гревови.

Додека разбојникот сè уште ги зборуваше овие зборови, ете, војниците што го гонеа Јонатан, се приближија до столбот и му рекоа на Преподобниот:

– Оче, предај ни го нам овој разбојник, непријателот наш. Во нашиот град и ѕверовите се спремни да го растргнат.

Симеон им одговори:

– Чеда мои, не сум јас тој што го доведе овој човек овде, кого вие го прогонувате, туку тоа Го направи Самиот Господ, кој сакаше да Го прими неговото покајание. И затоа не можам да ви допуштам да го фатите, бидејќи се плашам од Бога; ако се осмелите да му пристапите без моја дозвола – земете го.

Имајќи голема почит кон Преподобниот, војниците не му пријдоа на разбојникот, а тој остана со Симеон и помина седум дена во пламена молитва кон Бога и плачење, поради неговите гревови. Откако поминаа седум дена, Јонатан му рече на Симеон:

– Оче, се исполни ли времето да се одделам од тебе?

На тоа Преподобниот му рече:

– Да не имаш намера, можеби, да се вратиш на своите поранешни дела?

– Не, оче, – рече – поранешниот разбојник, – но времето на моето заминување се ближи.

И откако го рече тоа, издивна. Кога учениците на Симеон почнаа да го подготвуваат покојникот за погреб, дојдоа од Антиохија старешините градски и почнаа јаросно да извикуваат:

– Оче, веднаш предај ни го нашиот непријател! Зашто целиот град е возмутен поради него!

Симеон им рече:

– Знајте дека Оној, Којшто го донесе овој разбојник кај мене, дојде со мноштво небесни војски и ја зеде при Себе неговата душа очистена со покајание. И затоа ве молам повеќе да не ме вознемирувате.

Кога ги слушнаа овие зборови и го видоа разбојникот мртов, старешините се исполнија со ужас и тие Го прославија Бога, Кој не ја сака смртта на грешникот. Враќајќи се во градот, тие им раскажаа на жителите за сè што видоа нивните очи и што слушнаа нивните уши.

 

Бигорски манастир