Во рамките на 34-тото издание на манифестацијата Поетска ноќ во Велестово се одржа „OH READ – Поетски викенд и работилница за млади од регионот“. На работилницата за креативно пишување и иновативно интерпретирање поезија учествуваа учениците од охридската гимназија ОСУ „Св. Климент Охридски“, како и други заинтересирани млади од регионот. Работилницата ја подготви и ја водеше Јулијана Величковска и на неа учениците се запознаа со процесот на кративно творење, при што имаа можност да слушнат лични искуства и да дискутираат со поетите Селахатин Јолгиден (Турција), Валентина Бакти (Србија), Мањола Наси (Албанија), Диме Данов (Македонија) и Лидија Димковска и Ана Голејшка Џикова од Македонија. Настанот беше поддржан од РЕАД ‒ Регионална Мрежа за Културна Разновидност (READ – Regional Network for Cultural Diversity) и Европската Унија и се одржа во „Касарна ХАБ“.
За учениците искуството беше од големо значење бидејќи им даде можност да го согледаат творењето како индивидуален процес преку кој слободно ќе ги искажуваат своите чувства, мисли и идеи.
Учениците беа активно вклучени во текот на работилницата, а тоа може да се заклучи од следниве видувања:
Јана Георгиева: „Оваа работилница беше навистина интересна, од поетите и поетесите ги слушнавме најважните работи што се потребни за да се продолжи или да се почне во пишувањето поезија. Исто така, сфатив дека со пишувањето најдобро можеме да ги искажеме нашите емоции, без разлика дали ќе бидат убави или не, и дека треба да се биде самоуверен и упорен. Сите беа многу позитивни и насмеани и едноставно ми дадоа уште повеќе мотивација да продолжам понатака во она што го имам замислено.“
Митко Савев: „Работилницата ме инспирира да размислувам покреативно и поетски да се искажувам на подобар и полесен начин.“
Елена Шаптеска: „Покрај бројните совети кои ни беа навистина од корист, работилниците беа и навистина добра прилика за зголемување на нашата самодоверба и понатамошна упорност за да бидеме добри писатели, кои емоциите ќе ги стават на хартија. Работилниците нè научија дека нема грешка во пишувањето и дека секој напишан збор е вреден.“
Марија Зороска: „Учеството на работилницата за креативно пишување ми помогна да сфатам колку е важна уникатноста и тоа да се биде креативен на свој начин. Ми беше огромна чест да се запознаам со поетеси и поети од повеќе држави и притоа да слушнам за нивните инспирации и мотивации кои им помогнале да ги искажат своите мисли и емоции за да создадат прекрасни дела. Сега можам да кажам дека светот го гледам на поинаков начин, бидејќи знам, нашите мисли и емоции се најмоќните нешта со кои можеме да се искажеме себеси и да создадеме уметност што ќе трае засекогаш.“
Јана Петан: „За мене оваа работилница претставува едно навистина убаво и интересно искуство. Имавме можност да се запознаеме со различни искусни поети, нивната поезија и методот на кој тие пишуваат. Она што мене навистина ме воодушеви беа различните вежби на поетите и поетесите со кои ги подобруваат своите изразувачки способности, разноликоста во нивните дела и различниот поглед на нештата. Јас искрено мислам дека работите што ги научивме таму ќе бидат доста корисни понатака во нашето образование.“
Наталија Танеска: „ Неверојатно е како едно уметничко ремек дело, како што е песната нè спојува, самата поезија е како мелем за душата. Секогаш е добро да го надоградуваш своето знаење, па така можам да кажам дека научив нешто за креативното пишување.“
Јана Џамтоска: „OH READ проектот е вистинско место за сите вљубеници во поезијата. Уживав во секој стих и разменет збор со поетите кои беа дел од настанот. Прекрасно искуство.“
Во рамки на проектот се одржа и интернационално поетско читање во кафе и бар „Шила“ во Охрид, на кое присуствуваа и дел од учениците, а покрај од погореспоменатите поети можеа да слушнат стихови и од Ким Симонсен (Фарски Острови), Алеш Мустар (Словенија) и Зоран Јакимоски од Македонија.
Фотографии: Диме Данов