недела, ноември 24, 2024
АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Денес почнува јубилејната 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик

Во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид денеска на пладне свечено ќе биде отворена јубилејната 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, што ќе трае до 2 септември.

 

Како што информираат од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Уиниверзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Школата се пристигнати шеесетина семинаристи од седумнаесет држави, што е најголем број учесници изминативе неколку години и ќе учествуват семинаристи од универзитетските центри од Австрија, Германија, Грција, Италија, Полска, Кореја, Романија, Руската Федерација, САД, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешка.

На свеченото отворање на Школата, предвидено е обраќања да имаат претседателот на државата Стево Пендаровски и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, а пригодно обраќање ќе има директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Во рамките на отворањето на Школата ќе се одржи промоција на новите изданија на учебниците за странци – „Тешкото“ (македонски јазик, почетно рамниште) од проф. д-р Симон Саздов, „Лозје“ (македонски јазик, средно рамниште) од доц. д-р Гордана Алексова и „Везилка“ (македонска литература и култура) од проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Промоторка на изданијата коишто ќе се користат на јубилејната 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, а потоа и на странските универзитети ќе биде проф. д-р Анета Дучевска, деканка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Традицинално, на отворањето ќе биде промовиран и зборникот од предавања од претходната летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, а промотор ќе биде проф. д-р Борче Арсов, долгогодишен лектор на школите на Семинарот.

Семинаристите на Школата ќе следат лекторска настава за сите нивоа на познавање на македонскиот јазик – почетно, средно и напредно, и тоа напредно со две поднивоа, за јазик, и за литература. На Школата ќе се одржат и единаесет предавања на еминентни истражувачи од УКИМ, за важни теми за македонскиот јазик, литература и култура, а ќе биде организирана и преведувачка работилница за сите заинтересирани семинаристи. Во рамките на Школата ќе се одржат и промоции на значајни книги, книжевни средби и интерактивни настани. За семинаристите коишто потемелито се интересираат за македонскиот фолклор, на Школата ќе се одржи и курс по македонски ора.

Инаку, ова јубилејно издание на Школата е со најголем број семинаристи – странски македонисти и слависти изминативе години. По неколку години, на Школата, повторно има семинаристи и од САД, Република Кореја и Романија, а по неколку години интерес за учество пројавија и семинаристи од Австрија, Германија и Италија, како и од Универзитетот во Анкара, Турција на којшто се очекува од следната академска година да започне со работа и нов лекторат по македонски јазик. Според бројот на семинаристите, евидентно е зголемување на интересот за македонистиката и во Грција.

 

nezavisen.mk