недела, ноември 24, 2024
АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Симболиката на грозјето за Преображението, зошто се благословува овој плод?

Многумина се збунети во врска конзумирањето на грозје до празникот Преображение и го поставуваат прашањето зошто е тоа така? Ваквата практика постои уште од востанувањето на Успенскиот пост.

„Ако некој од браќата јаде грозје пред овој празник да добие епитимија, бидејќи го презрел пропишаното правило, на тој начин да привикнат и другите да го почитуваат правилото на светите отци… ова правило важи и за смоквите…“, објаснува свештеникот на МПЦ-ОА од Кочани, Димитар Арсовски.
Тој додава: „Грозјето како плод го симболизира Преображението на Христос .

Симболиката е следната: како што од семка станува плод, од плодот се прави вино, за на крај виното на самата Света Литургија да се преобрази во вистинска крв на самиот Христос со која ние се причестуваме и стануваме заедничари.

Што се однесува до смоквите имам сретнато податок дека тие се благословуваат бидејќи според запишаното во Светото Писмо, на Велики понеделник Христос ја проколнува неплодната смоква.

Во местата каде што се одгледува грозје, постои обичај на празникот Преображение, верниците да донесуваат во црквите грозје од првата берба за да биде благословено.

Благословувањето на грозјето на Преображение се објаснува во богословските, антрополошките и космолошките димензии на овој празник.

Господ во „шестиот ден“ или „по осум дни“, по претскажувањето на Неговите страдања, „на висока гора… се преобрази пред нив (Петар, Јаков и Јован), и заблеска неговото лице како сонце, а облеките му станаа бели како светлина“.

Овој е Создателот на светот, но и господар на последните денови. Овој е лозата која „на небото има корен, а на земјата, пак, ластари – лоза обрезана по телото, но не во коренот – лоза по третиот ден обрезана, која го расцвета гроздот на воскресението“.

Нормално е со Преображението на Господ да се просветлува и прославува целиот свет.

Благословувањето на грозјето, на тој претставник на почетоците на светот, е едно литургиско дејство кое го нагласува – особено славословниот и благодарствен принос на материјата на земните плодови на нашиот Бог Создател на сѐ. Многу повеќе, кога овој лозов плод ни го дава виното, кое Христос го благослови во Кана, за да го нагласи преобразувањето во Христа на светот, но и ни го предаде на Тајната Вечера, како елемент, кој заедно со лебот, во часот на Божествената Литургија благодатно се онетленуваат, претворени во Господови „тело и крв“, Божествена евхаристија (=благодарност).

Освен тоа, благословувањето на грозјето ја нагласува потребата од постојано духовно плодоносие и преобразителен пат на човекот, како „да заблескаме на височината на добродетелите, и да се удостоиме со Божествената слава“ (стихови од службата на Преображение).

crkvaveles.wordpress.com