АктуелноОхрид

Големата пијанистичка ѕвезда Валентина Лисица вечерва на „Охридско лето“

Музичката програма на 62-то „Охридско лето“ продолжува вечерва од 21 часот во црквата „Света Софија“со концерт на големата украинско-американска пијанистка Валентина Лисица.

 

Валентина Лисица многумина ја сметаат за првата Jутјуб ѕвезда на класичната музика, но таа е повеќе од тоа. Таа е првиот класичен уметник кој успеал својот интернет успех да го претвори во глобална концертна кариера во некои од водечките концертни сали во Европа, САД, Јужна Америка и Азија.

Валентина своето прво видео на интернет го постира на Јутјуб во 2007 година-снимка на Етидата оп. 39 од Сергеј Рахмањинов. „Прегледите“ на ова видео се зголемуваат прогресивно, по што следат нови објави и на тој начин се поставуваат темелите на кариера на социјалните-мрежи каква што дотогаш светот не памети.

 

Благодарение на нејзината посветеност кон интернет публиката, Jутјуб каналот на Валентина Лисица денес брои повеќе од 650.000 претплатници и има над 147 милиони прегледи, со просек од околу 75.000  прегледи дневно. Нејзината Спотифај страница има повеќе од милион слушатели месечно.

 

Овој неверојатен успех и овозможува на Валентина Лисица да настапува во светските сали, нејзиниот рецитал во Лондонскиот „Ројал Алберт Хол“ го проследиле 8000 слушатели, а истиот е објавен на ЦД и ДВД од страна на издавачката куќа „ДЕКА“ само една недела подоцна.

 

Следат 9 албуми снимени за оваа издавачка куќа со музика од Рахмањинов, Шопен, Глас, Лист, Скрјабин, а и ЦД со музика од „златното доба“ на филмот со теми од филмови од 1920 година.  Во 2019 година „ДЕКА“ издава специјален бокс-сет со ЦД-а посветени на музиката на П. И. Чајковски во кој се наоѓаат снимки на дела за соло пијано кои досега не биле снимени од ниту еден уметник.

 

 

НУ Охридско лето