Во изминатава свештена ноќ на сечесното Рождество на Светиот и славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован, силно одекнуваше неговата надразумна небесна слава, низ торжествените песнопенија и молитвените приноси на насобраните верни во неговиот храм. На сеноќното бдение, на кое претстоеше Преосвештениот Епископ Аморејски г. Никифор од Првопрестолната Мајка Црква, одекнуваа слаткозвучните гласови на сплотените во љубовта Божја византиски хорови: бигорскиот; хорот на Високопреподобниот Архимандрит г. Херувим Циноглу од православната Црква на Грција, познат протопсалт и проповедник; и хорот на протопсалтот г. Димитриј Папаварнавас – ученици на прочуениот учител по источно-православно црковно пеење, г. Јован Хасанидис. На псалтите им се придружија и Високопреподобните Архимандрити г. Матеј од Клиди и г. Амвросиј од храмот Панагуда во Солун.
Каква радост претставуваше оваа ноќ за оној кој беше гласот што вика во пустината, проповедајќи покајно крштение за простување на гревовите! Сето негово светилиште стана божествен глас, огненосен молитвен столб издигнат кон Небесата, во кој беа сплотени молитвите на целиот празничен собор. Свештенослужители и верници од сите соседни православни Цркви, па и од подалеку, празнуваа и благодареа со една иста мисла и молитва: великиот и славен Претеча и Крстител да се застапи за сите нас, да нè сочува во покајание и служење на Бога и на ближниот, да ни дава сили за победа над демонските војски, да ги чува православните светињи, да ги просветлува младите, да ги поткрепува болните и старите, да ги приведе во вистина заблудените и најпосле, да ни ја заштитува нашата Света Обител, та таа да расне во љубов и послушание и напојувана од неговите благодатни сили, уште поревносно да ги буди заспаните во грев, подготвувајќи ги за спасоносно раѓање за нов живот во Христа. Таа пламена молитва правеше храмот просто да зрачи со необична убавина, така што како да не бевме веќе на Земјата; како Небото да слезе долу, како ангелските војски да направија заеднички хор со псалтите, па нивните умилни гласови и чудесните пофални стихири се слеаја во општо славословие кон Крстителот. И кој можеше да остане рамнодушен на тоа небесно торжество! На таа силна пројава на благодатта на Претечата!
За неговата, пак, духовна сладост и божествена убавина, прекрасно говореше нашиот старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, навестувајќи го големиот благослов што престои заради замонашувањето на пет наши собраќа.
Бигорски Манастир