АктуелноВидеаВидеоМагазин

(ВИДЕО) Легендарната „Абре Македонче“ во изведба на Балкан Бенд со спот полн со Охриѓани

„Балкан Бенд“ сними спот за својот препев на македонската легендарна антифашистичка ода „Абре Македонче“, за која е снимен спот во кој се појавуваат многу лица од Охрид.

Спотот е режиран од охриѓанецот Даниел Јовески.

А бре, Македонче — македонска народна песна, од патриотски, борбен карактер, химна на партизанското движење во Македонија, која потекнува од периодот на НОБ за време на Втората светска војна. Песната е многу популарна и денес се смета за народна песна, иако е создадена од Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски – Оцка. Таа е напишана во Прилепско, два месеци пред македонската химна Денес над Македонија. Песната е создадена во периодот меѓу 23 октомври и 8 ноември 1941 година, кога ја имала својата прва изведба во прилепското село Царевиќ, на првиот народен собир (митинг) во фашистички поробената Македонија. Хроничарите на НОБ, Коце Солунски и Љубен Георгиески – Љупта, во своите дела и сведоштва за формирањето на првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“ и неговото дејствување, зборуваат и за создавањето на оваа песна. На 23 октомври 1941 година, при формирањето на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ во месноста кај манастирот кај велешкото село Степанци, тројца борци добиле задача да создадат песна, што ќе биде химна на одредот и со која требало да се изидигнува борбениот морал на борците, а воедно, да се поттикнува населението за вклучување во партизанското движење. Задачата им била доверена на Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски – Оцка. Овие борци не биле случајно избрани. Крсте Црвенковски како политички комесар на одредот имал задача да испрати порака до борците и народот за помасовно учество во борбата, Коле Чашуле со својата писателска дарба дал придонес во составувањето на текстот, а Ордан Михајлоски – Оцка кој бил талентиран и образуван виолинист учествувал во создавањето на музиката за песната.

Оригиналиот текст на песната :

А бре, Македонче, каде се спремаш?
Бојот те чека, бој за слобода.

Бој за слобода, за Македонија,
за Македонија, земја поробена.

Мажи накитени, жени наредени,
в борба ми одат, борба за слобода.

Нека разберат денешните тирани,
Македонско име нема да загине!

Алтернативен текст:

А бре Македонче, за каде се спремаш?
Борба те чека, борба за слобода.
Борба за слобода, за Македонија,
за Македонија, земја поробена.

Момци наредени, моми накитени,
борба ќе одат, борба за слобода.
Борба за слобода, за Македонија,
за Македонија, земја поробена.

Нека разберат клетите фашисти,
македонско име нема да загине!

Извор: Ohri1.com / Wikipedia

фото: PRTSC

видео:Balkan Band – A bre, Makedonce ( Official video 2022 )