недела, ноември 24, 2024
АктуелноВидеаВидеоОхрид

(ВИДЕО) Богослужба во Св. Еразмо и осветување на водата

Денеска православните верници го слават во чест на Св. Еразмо Охридски. Охриѓани велат денеска сите патишта водат кон Св. Еразмо.

-Чудесен и многувоспеван Еразмо, неверните во верата вистинска врати ги, колебливите со Евангелието на Правдата зацврсти ги и верните во љубовта Христова доведи ги. Вдовиците со мудрост дарувај ги, а сираците во кроткост воспитај ги, зашто тебе те имаат за своја најголема надеж.
На оние кои се во темнина затворени, кои се неправедно осудени и трпат секакви маки и страдања, трпение дај им и со Христовиот пример поучи ги.
Испосниците во постот поткрепи ги и со духовна храна развесели ги. Монасите на молитва научи ги, а во срцата на свештениците небесна љубов кон Најслаткиот Христос всади им.
Најсладок маченику на Христа Бога, за Охридските краишта пред Бога застапи се и за Охридската Црква пред Предвечната Троица, заложи се.
За оние кои тебе те почитуваат и твојот спомен го празнуваат, во одаите на Младоженецот спомни си.
Најмногу за оние кои пловат по морето, и од болести на стомакот страдаат, усрдно те молиме, зашто сите тие тебе те имаат за најголема надеж!
О, севоспаван маченику, чедата твои не ги заборавај и градот твој не го оставај. Утврди го во векови многу та преку тебе постојано да Го славиме Бога Отецот и Синот и Светиот Дух, низ сите векови, пишува во објавата на ФБ Свети Еразмо – Охридски Чудотворец.

Поради неговата мисионерска дејност и големите заслуги за ширењето на христијанството свети Еразмо во нашиве краишта бил сликан заедно со Седмочислениците.

Овој светител, од Бога даруван со чудотворна моќ, е роден во Антиохија и живеел за време на царевите Диоклецијан и Максимилијан. Како архиереј патувал и го проповедал Евангелисто па така стигнал и во Охрид. Откако го воскреснал синот на некој човек по име Атанас, крстил многу луѓе, а идолските жртвеници ги разурнал. Поради тоа бил обвинет кај царот Максимилијан, кој му наредил да му се поклони на бакарниот кип на Зевс и да му принесе жртва. Но, Еразмо направил од статуата да излезе ламја и да го исплаши народот. По овој настан св. Еразмо крстил 20.000 луѓе, но по наредба на царот сите биле исечени, а Еразмо бил затворен. Но тогаш се јавил ангелот и го ослободил од затворот, како што многу порано го ослободил св. Петар. Св. Еразмо пред смртта се повлекол во една пештера и во молитви го минал животот. Починал во почетокот на IV век.