АктуелноОхрид

Матески: Штрајкот е израз на незадоволството поради ситуацијата во која се наоѓаме и ќе трае се до исполнување на нашите барања

Повисоки плати, подобри услови за работа, и слух од раководството и Владата. Ова се барањата на вработените во Пошта кои денеска како што и најавија почнаа со генералниот штрајк.

Според Синдикатот, платите во Пошта не се покачени 30 години, куповната моќ на вработените е драстично намалена, а 70 отсто од вработените имаат плата еднаква на минималната од 18.000 денари. Додека трае генералниот штрајк, препорачаните судски пратки ќе се доставуваат, но не и оние на граѓаните.  Кон генералниот штрајк се приклучија и вработените од Македонска пошта подружница Охрид.

„Од денеска започнавме со генерелан штрајк, потикнат од негативниот исход од преговорите со менаџерскиот тим. На средбите кои ги имавме не беа задоволени ни едно од нашите барања. Ние бараме линеарно зголемување на платите со по 3000 ден за секој вработен. Ова е наше основно барање, но не помалку значајни се и останатите барања за кои се залагаме многу од поодамна. Се однесуваат на севкупна реорганизација и подобрување на условите во Македонски пошти. Ова се барања кои се однесуваат на нова реорганизација на Пошта, реонизација, измена на систематизација или најблаго кажано еден поинаков систем на работа, за да можеме успешно да се носиме со конкуренцијата на пазарот. Со сегашниот модел и начин на работа кој не е изменет над 40 години, не е возможно повеќе да се функционира“, истакна Тони Матески претставник на синдикатот на Македонска пошта во Охрид.

Матески објасна и како функционира штрајкот.

„Вработените се на работните места, но не се примаат странки, но затоа што поштенската дејност е од општ интерес на државата има посебни одредби од законот за штрајк, па тоа значи дека примаме пратки кои се за безбедност, полиција, одбрана и административни процеси кои се поврзани со сите државни органи. Во ни еден момент овој штрајк не е политички мотивиран, туку е израз на незадоволството поради ситуацијата во која се наоѓаме. Штрајкот ќе трае се до исполнување на нашите барања“, категоричен е Матески.

Инаку и покрај досегашните обиди и средби со менаџерскиот тим на Македонки пошти,  Управниот одбор се огласи дури денеска откако започна штрајкот. Тие  им понудија од 1 јуни годинава линеарно да се зголемат за 3000 денари платите на 1700 вработени од оперативниот дел (поштари, шалтерски работници и други), а од 1 август и на административните службеници.

Но, дали ова ветување ќе се оствари, останува да видиме, затоа што вработените се категорични – Штрајкот ќе трае се до исполнување на нашите барања.