АктуелноОхрид

„Фронт 21/42“: Нов закон во корист на урбаната мафија – Владата повторно овозможува урбанизација на селата во заштитените подрачја, како Лагадин, Љубаништа и Елшани

Од Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ излегоа со јавен став во врска со Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, за кој вчера истече рокот за прикачување коментари на ЕНЕР.
Дали е ова нов закон во корист на урбаната мафија? – прашуваат од „Фронт 21/42“.

– Вчера, 25-ти јануари 2022 година, на ЕНЕР истече рокот за коментари за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, а предлагачот – Министерството за транспорт и врски, и покрај законската обврска (повторно) не организира јавна расправа. Според нашата анализа, доколку се усвои како што е предложен, новиот закон ќе има долгорочни штетни последици за природата, животната средина и хуманото уредување на просторот, истовремено попречувајќи го пристапот на граѓаните до правдата, потенцираат од Здружението.

Според нив, предложениот закон:

1. Го дефинира урбанистичкото планирање и спроведувањето на урбанистичките планови како дејност од јавен интерес. Актуелниот закон прецизира дека урбанизацијата треба да биде во функција на јавниот интерес (како заштита на животната средина, културните вредности, итн.), но не ја третира урбанизацијата сама по себе како дејност од јавен интерес. Со предложените измени се прави токму тоа – урбанизацијата се дефинира како дејност од јавен интерес. Оваа, навидум минорна интервенција има потенцијал да направи пустош во нашата природа. На пример Законот за шуми забранува копачење и трајна пренамена на шумите, освен под одредени услови, меѓу кои е и спроведување на дејности од јавен интерес. Со актуелниот закон не може да се уништи некоја шума за да се спроведе план/проект за урбанизација, со предложените измени се отвара оваа врата. Ова е само еден од многуте примери за можни застрашувачки последици од законот кој го предлага Министерството за транспорт и врски.

2. Овозможува урбанизација на селата во заштитени подрачја без проценка на влијанието врз животната средина. Со измените се овозможува реализација на општите акти за села, кои беа укинати со актуелниот Закон за урбанистичко планирање. Наводно, селата не може да се урбанизираат и развиваат поради укинувањето на општите акти и ова е главна причина за носење на новиот закон. Во реалноста, актуелниот закон овозможува урбанизација на селата, но со урбанистички планови за кои е обврзна проценка на влијанието врз животната средина и учество на јавноста во рамки на истата – за општите акти нема ваква обврска. Со други зборови, Владата повторно овозможува урбанизација на селата во заштитените подрачја, како на пример Скудриње во Националниот парк Маврово; Лагадин, Љубаништа и Елшани во Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион – без да се процени како истата ќе влијае врз природата и без да се вклучи јавноста во овој процес на проценка.

3. Овозможува автоматска трансформација на секаков тип земјиште во градежно, доколку истото е во рамки на урбанистички проект надвор од урбанистички план. Според важечките закони, за да се урбанизира простор кој е надвор од урбанистички план, а во кој има земјоделско земјиште, шуми, крајбрежен појас, итн. мора да се спроведе процес на пренамена во градежно земјиште, што пак е регулирано со специфичните закони за конкретниот тип на земјиште (на пр. Закон за земјоделско земјиште, Закон за шуми, итн.). Со предложените измени секое земјиште на територија за која нема урбанистички план, а кое ќе се најде во рамки на проект за урбанизација, без пренамена автоматски се третира за градежно. Ова може да има неповратно негативно влијание врз обработливите површини и природата во нашата земја!

4. Оневозможува граѓаните да ги оспорат планските програми за урбанизација поднесувајќи жалба против решението за нивно одобрување. Уставот го гарантира правото на секој граѓанин да оспори ткн. „поединечен акт“ на институциите, а законите понатаму дефинираат што се смета за поединечен акт (Решение, Одлука, итн.). Според актуелниот закон планските програми за урбанизација се одобруваат со (поединечниот акт) Решение – со предложените измени овие плански програми ќе се одобруваат со потврда за заверка, што не е поединечен акт против кој може да се поднесе жалба. Истиот механизам (потврда за заверка) се предлага и за одобрување на урбанистичките проекти. Со тоа се редуцира пристапот до правда на граѓаните во областа на урбанизацијата, и според нас, дополнително се уназадува една од „најслабите карики“ на нашето општество – владеењето на правото.

– Ова се дел од законските измени кои ги предлага Министерството за транспорт и врски, а кои алармираме дека може да доведат до уште поголем пустош на нашата природа, културно наследство, итн. а даваат дополнителна моќ на веќе моќната урбана мафија во земјава. И сето тоа без никаква јавна расправа, потенцираат од „Фронт 21/42“.