News1.mk

Казни за невакцинираните граѓани над 60 години во Грција

Невакцинираните граѓани во Грција кои се над 60-годишна возраст и досега не примиле барем една доза од вакцината ќе бидат казнети со парична казна од 50 евра за јануари и по 100 евра за секој нареден месец, со оглед на тоа дека од денеска стапува во сила одлуката за задолжителна вакцинација на конкретната старосна група, јави дописничката на МИА од Атина.

Мерката беше соопштена на крајот на ноември, неколку дена подоцна конкретниот амандман го изгласаа пратениците во грчкиот Парламент, а предвидува дека „од неопходни причини за заштита на јавното здравје, задолжително се вакцинираат против ковид-19 сите физички лица со живеалиште или постојан престој на грчка територија, а кои се родени пред 31 декември 1961 година”.

За јануари, казната ќе биде 50 евра, со оглед на тоа дека е за половина месец, а за секој нареден, административна глоба е 100 евра.

Казната ќе ја заверува и наплатува Независната управа за јавни приходи, а собраните средства ќе се користат исклучиво за зајакнување на националниот здравствен систем во битката со пандемијата.

извор/фото: агенции