На 12-ти јули на Античкиот театар во Охрид, свечено отворање на фестивалот „Охридско лето“, со настап на Македонската опера и балет со проектот „Големиот Чајковски“, под диригентската палка на Бисера Чадловска. Годинава на Охридско лето во целата оваа ситуација на пандемија, ќе настапат повеќе од 500 уметници од 18 држави од светот. Затворањето на 61-то издание, ќе биде со Југословенскиот народен театар од Србија, на сцената на Долни Сарај во Охрид.
За тоа како течат финалните подготовки за фестивалот, разговараме со директорката м-р проф. Наташа Поповиќ. Станува збор за охриѓанка која ја води најпрестижната културна манифестација во државава, фестивалот-бренд на Охрид и Македонија , прославеното „Охридско Лето“.
М-р проф. Наташа Поповиќ студирала на престижниот „ Валпарезо јуниверзити “ во Чикаго на отсекот за пијано каде дипломирала и се стекнала со звање „ Пијанист “.
Во 1991 година таа била во десетте најдобри студенти во Америка и ја добила „Претседателската награда за вонсериски достигнувања “ која и била врачена од тогашниот Претседател на САД Џорџ Буш Постариот. Во 1998 година таа се враќа во Македонија и работи како професор во средното музичко училиште „ Илија Николовски Луј “ во Скопје.
Ohrid 1: Одбројуваме до почетокот на фестивалот „Охридско лето“. По минатогодишното ковид Охридско лето, што да очекуваме годинава?
М-р проф. Наташа Поповиќ: Минатогодишното издание на фестивалот кое беше јубилејно и покрај пандемијата се одржа со беспрекорна организација, со исполнување на зацртаната програма. Сите протоколи беа испочитувани, така што немавме никакви проблеми. Се надевам дека и годинава, 61. Охридско лето ќе ја промовира и шири уметноста според планираното. Публиката може да очекува 40 фестивалски вечери исполнети со квалитетни концерти кои ќе ја величааат класичната музика, како и театарски претстави од најдобрите театарски ансамбли во регионот. Охридско лето, од почетокот до самото спуштање на завесата и годинава ќе биде успешна приказна која долго ќе се памети.
Ohrid 1: Што од годешната програма од музичкиот и дрмскиот дел е најспектакуларно?
М-р проф. Наташа Поповиќ: Самото отворање на фестивалот ќе биде спектакуларно, во знакот на Големиот Чајковски. Најубавите дела на овој руски композитор, балетската трилогија „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“, како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“ ќе ги изведат балетските првенци, солистите, ансамблот и оркестарот од Националната опера и балет на Република Северна Македонија, под диригентската палка на Бисера Чадловска. Ќе биде тоа грандиозен проект кој ќе донесе повеќе од 90 уметници на сцената, па ги поканувам сите љубители на уметноста да го проследат спектаклот, на 12 јули, на Античкиот театар со почеток во 21 часот. И ова лето, цели 40 вечери ќе ја славиме уметноста која толку многу ни недостигаше во екот на здравствената криза која наметна ригорозни рестрикции.
Ohrid 1: Неодамна најавивте дека дел од програмата годинава ќе има и хуманитарен карактер?
М-р проф. Наташа Поповиќ: Изминатата година сите извлековме многу добри поуки кои треба да ги имаме во предвид и натаму во работењето и воопшто, во секојдневието. Од пандемијата која за жал однесе голем број непроценливи човечки животи, научивме дека и во едно вакво динамично време кога сите брзаме некаде, мора да се свртиме кон себе и кон најближните, кон своите роднини, колеги и пријатели, да мислиме повеќе на нашето здравје и да се почитуваме едни со други. Во шпицот на пандемијата на сите ни беше тешко, но се чини најтешко им беше на здравствените работници кои деноноќно се бореа со коронавирусот, спасуваа животи, притоа оставајќи се првин себеси, а потоа и своите најмили во заден план. Затоа решивме годинава да направиме гест во знак на благодарност и почит до сите медицински лица кои се наши херои. Одлучивме концертот „Танец и Ладо под ѕвездите“ на Ансамблот за народни игри и песни „Танец’“ од Северна Македонија и хрватскиот Ансамбл на народни игри и песни „Ладо“ што ќе се одржи на 28 јули на Античкиот театар да биде од хуманитарен карактер. Средствата што ќе се соберат од продажбата на билетите ќе ги донираме во здравството.
Ohrid 1: Охридско лето се одржува од 12 јули до 20 ти август. Но, за да се подготви сето тоа што ние ќе го следиме, макотрпно се работи цела година. Станува збор за многу познат фестивал во светски рамки. Како уметниците прифаќаат учество на ваков фестивал. Траба ли долго преговарање?
М-р проф. Наташа Поповиќ: Во принцип, немаме проблеми во преговарањето за настап на фестивалскиот подиум . Охридско лето само по себе е бренд во меѓународни рамки и уметниците со задоволство ја прифаќаат поканата за учество. За нив е огромна честа и задоволството да концертираат на реномиран фестивал, а и нам како организатори ни е посебно драго што е така. Можеби понекогаш се јавува неусогласеност на агендата на уметниците што сакаме да ги поканиме со времетраењето на нашиот фестивал, но како што рековте, за да се подготви програмата треба макотрпна работа преку целата година. Затоа откако ќе заврши едно фестивалско издание, ние веќе започнуваме со припреми за следното. Можеби се чини дека Охридско лето живее од 12 јули до 20 август, но ве уверувам дека не е така. Преку целата година се прават подготовки, се договараат уметниците, се освежуваат сценските простори, се договараат помагателите за да можеме да имаме успешен фестивал.
Ohrid 1: Да се менаџира фестивал од ваков ранг како што е Охридско лето, да се одржи културна репутација и да се напредува во секоја смисла воопшто не е лесно. Дали токму ова за вас е и предизвик?
М-р проф. Наташа Поповиќ: Да, за мене е предизвик но пред се е огромна чест, задоволство и истовремено одговорност да се менаџира една ваква Национална установа од областа на културата која е лулка на трајните уметнички вредности веќе шест цели децении. Одговорноста да се сочуваат трајните вредности и реномето на фестивалот е голема, но до мене стои тим кој неуморно работи на поставените цели и работни задачи.
Ohrid 1: Вие сте музичар. Музичките студии ги комплетиравте на конзерваториум во САД. Што знаењата и искуствата стекнати во Америка ви значат во работата тука? И дали како музичар имате настапувано на „Охридско лето“?
М-р проф. Наташа Поповиќ: Охридско лето за мене од секогаш претставува посебна приказна. За Фестивалот знам откако знам за себе. Мојата мајка која е професор по флејта од најмали нозе ме носеше на концертите на фестивалот во црквата Света Софија. Уживав во врвната изведба на уметниците, понекогаш заспивајќи на столчињата.
Сум била и учесник на фестивалот Охридско лето во рамките на Подиумот на млади. Затоа велам дека музиката тече во моите вени, музиката е мојата духовна храна без која не можам да живеам, таа е мојот микрокосмос околу кој се врти мојот живот.
Музичкото образование го комплетирав во САД. Таму ги поминав завршните две години од средното музичко образование, таму го завршив високото образование, но и магистерските студии. Иако школувањето во САД е нешто што за мене е од исклучителна вредност и како човек и како музичар, секогаш велам дека никаде не е како дома. Америка останува мојот втор дом, но сакав стекнатото искуство да го применам и пренесам дома, во мојата татковина.
Ohrid 1: Што му недостига на фестивалот Охридско лето, но и на градот Охрид, а во функција на понатамошен раст и развој на фестивалското реноме. Дали затворена концерна сала би ги решила проблемите и „стегањето палци“ скоро секоја година да не заврне додека се очекува настапот на некој врвен уметник?
М-р проф. Наташа Поповиќ: Како што е познато, фестивалот Охридско лето се одржува во стандардниот термин од 12 јули до 20 август, но ние, како Национална установа работиме во текот на целата година. Откако дојдов на чело на оваа установа, започнавме и со организирање концерти на класична музика и во текот на целата година. Интенцијата ни беше, да заживее културата во градот и во останатиот дел од годината, а не само во лето. Да, се сложувам, на Охрид му е потребна концертна сала која ќе има акустика, ќе биде направена според сите стандарди и ќе собира многубројна публика но да се надеваме дека ќе ја имаме за брзо време.
Што се однесува до нашите концерти и театарски претстави, доколку се влошат временските услови, секогаш бараме алтернатива, најчесто Центарот за култура „Григор Прличев“. Но ако се работи за врвни популарни уметници за кои кај публиката има огромен интерес, може да се случи концертот на отворено да биде одложен токму заради неможноста да се реализира во дождливо време.
Ohrid 1: Може ли кратко за приватниот дел од животот. Вие сте сопруга и мајка на две деца. Дали некое од децата го наследи талентот од мама за музика?
М-р проф. Наташа Поповиќ: Двете мои ќерки, Барбара и Партиција го имаат наследено талентот, најпрвин од нивната баба, а потоа и од мене. Поголемата ќерка Барбара е веќе во светот на уметноста. Таа студира оперско пеење и е трета година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на примадоната Весна Гиновска-Илкова, но исто така одлично свири пијано.
Помалата ќерка Патриција одлично свири виолина, но тоа нема да биде нејзината професија бидејќи нејзината замисла е да заплови во актерските води. Сепак е се уште рано за да падне одлука за идната професија бидејќи е ученик во втора година во Гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Скопје.
Во секој случај јас сум пресреќна што и двете ја носат и негуваат уметноста во нивните души. Талентот го имаат, одлуката е нивни избор.
Ohrid 1: Што најмногу сакате да правите во слободно време. Има ли време за патувања, која дестинација ви е омилена?
М-р проф. Наташа Поповиќ: Кога имам слободно време многу сакам да готвам. Уживам во кујната правејќи разно разни специјалитети но поголем наклон имам кон италијанската кујна. Патувања секогаш имало. По природа не сум мирен дух што седи само дома и во својата земја иако изминатиов период поради короната планираните патувања не се остварија целосно. Да, често патувам, а најмногу сакам да одам во САД и Италија. Во овие две земји ќе се навраќам секогаш дури сум жива.