АктуелноОхрид

Република: Атрибутите што го ставија Охридскиот регион под капата на УНЕСКО под континуирана ерозија предизвикана од човечкиот фактор

Две години бргу ќе поминат… Тоа беа главно реакциите кај јавноста на одлуката на Комитетот за Светско наследство при Организацијата на ОН за образование, наука и култура на продолжената 44-та пленарна сесија одржана летово во Фуџоу, Кина, каде Охридскиот регион за влакно избегна да биде поместен на листата светски културни и природни богатства во опасност.

На предлог на Босна и Херцеговина, а со поддршка на Русија, Унгарија, Саудиска Арабија, Кина и Гватемала, Македонија и Албанија како држави што управуваат со Охридскиот регион, во Кина добија дополнителен рок од две години за да ги исполнат препораките на Реактивните мисии на УНЕСКО, објави Република. 

За само еден месец, поточно до 1 февруари 2022 година двете држави мора до УНЕСКО да достават извештај со реализиран напредок во спроведувањето на активностите посочени во препораките за заштита на Охридскиот регион.

Во ревидираните одлуки што ги донесе Комитетот за Светско наследство во Кина беше нагласено дека Експертскитe тела на ИУЦН (за природно наследство) и ИКОМОС (за културно наследство) инсистираат двете држави да разработат детален стратешки план за обновување со соодветен акциски план што би се реализирал етапно, но според јасно дефинирани и утврдени краткорочни и долгорочни рокови за анулирање на постоечките закани.

Истовремено се бара планот да се темели врз препораките на Реактивната Мониторинг мисија од 2020 година, со сеопфатна прекугранична политичка и институционална рамка за решавање на сериозните и повеќеслојни закани и предизвици со кои се соочува Охридскиот регион.

Со одлуките од Кина, од Македонија и Албанија се бара до 1 февруари 2023 година пред Центарот за светско наследство да достават ажуриран заеднички извештај за состојбата на регионот, вклучително и извештај за постигнатиот напредок во спроведувањето на посочените забелешки. Во документот се нотира дека доколку до 46-тата сесија на Комитетот на УНЕСКО не бидат анулирани постоечките закани по Охридскиот регион и неговите исклучителни вредности, останува отворена опцијата за поместување на регионот на Листата светски наследства во опасност.

Во останатиот дел од одлуката се посочува дека изминатите години се исполнети дел од препораките содржани во извештаите на последователните реактивните мисии, некои делумно или недоволно спроведени додека голем број од нив воопшто и не биле адресирани.

Најголема загриженост Комитетот искажува по однос забелешките од Заедничката мониторинг мисија од 2020 година, а кои укажуваат на недоволно спроведени активности за запирање на бавната, но континуирана ерозија на атрибутите што го детерминираат регионот како Светско културно и природно богатство.

Анализата во целост на: Република.