Актуелно

Само две недели по големата акција за чистење, улицата „Галичица“ во Охрид повторно затрупана со отпад

Само две недели откако ЈП „Охридски комуналец“ спроведе акција за собирање кабаст отпад на улицата „Галичица“ во Охрид, на истата локација повторно се појавиле купишта отпад.

Иако граѓаните имаа можност бесплатно да се ослободат од кабастиот отпад за време на организираната акција, очигледно дел од нив не ја искористиле можноста, па само две недели подоцна повторно започнале да го исфрлаат отпадот покрај улицата и контејнерите.

 

Денеска екипите на ЈП „Охридски комуналец“ спровеле дополнителна акција, при што само од четири локации покрај контејнерите биле собрани дури 18 кубни метри кабаст и зелен отпад.

Ова е уште еден пример за несовесното однесување на дел од граѓаните, кои очигледно очекуваат комуналните служби постојано да чистат зад нив, без оглед на организираните акции и можностите за правилно одлагање на отпадот.

 

Се поставува прашањето: Колку пати треба да се исчисти истата локација за да остане чиста? Комуналните служби можат да го соберат отпадот, но не можат да ја заменат граѓанската свест и одговорноста кон јавниот простор.

Додека едни чистат, други продолжуваат да фрлаат. И така, само две недели по чистењето, истата приказна се повторува.