Септември е Месец посветен на подигање на свесноста за Дишенова мускулна дистрофија (DMD). Ја продолжуваме нашата серија вистински приказни за ретките херои, преку кои одблизу ги запознаваме нивните секојдневни борби, надежи и победи.
Денес ја споделуваме трогателната и храбра приказна за малиот Калин, раскажана од неговиот татко Петар. Калин – нашиот мал херој со Дишенова мускулна дистрофија Ќе ја споделам приказната за нашиот херој Калин, кој се соочува со генетското заболување Дишенова мускулна дистрофија. Се работи за тешка невромускулна болест која со текот на годините ги напаѓа и слабее мускулите, па најчесто момчињата по својата 11-та или 12-та година ја губат можноста самостојно да се движат.
Кога се роди Калин, нашата среќа беше неизмерна. Но, како што одминуваше времето, на неполни четири години забележавме дека има потешкотии при качување по скали. Отидовме кај неговиот матичен лекар, каде што првичниот преглед покажа дека сè е во ред, но ние како родители и понатаму чувствувавме сомнеж деканешто се случува со нашето синче.
Побаравме упат за Детската клиника за да направиме анализи и да испитаме дали станува збор за мускулна дистрофија. За жал, резултатите од потребните испитувања беа позитивни. Од тој ден започна нашата постојана борба – барање соодветни терапии, физикален третман и секојдневна нега. Калин денес има 7 години и, благодарение на Бога, се наоѓа во добра состојба.
Пред 2-3 месеци, Комисијата за ретки болести го одобри новиот кортикостероид Vamorolone. Се надеваме дека наскоро ќе започнеме со оваа нова и посoодветна терапија, која ќе му помогне на Калин да функционира подобро и полесно да ги извршува своите секојдневни активности.


















