Во пресрет на претстојниот празник на Св. Еразмо (кој и оваа година традиционално ќе се прослави на 14 и 15 јуни 2025 – сабота и недела), во целост ви го пренесуваме сведоштвото на госпоѓата Катерина Толевска Скепароска, која сведочи за чудотворната моќ на Светецот Еразмо Охридски:
“На ден 14.06.2024 год. донесов масло, алишта, проскур и вода за здравје на мојот син Кристијан кој не зборуваше.
По кажување на тетка ми Драгица дека нејзината ќерка Бети не зборувала до 3 годишна возраст, таа дошла во црквата со молба до св. Еразмо да и помогне да прозбори. Донесла шише со вода, леб и масло, се помолила на светецот и после некое време Бети почнала да зборува.
Кога дојдов во црквата клекнав пред иконата на светецот и почнав силно да плачам. Тој период од животот поминував низ многу тешки семејни проблеми.
Го замолив да ја услиши мојата молитва и да му го пушти зборот на син ми Кристијан. За возврат се зареков дека ќе постам секоја среда и петок. Ги оставив работите кои
ги носев и заминав. Наредниот ден дојдов да земам нафора, да запалам свеќа и да се помолам за здравје.
Заминaв дома да се спремам за нашата слава св. Еразмо која ја славиме бидејќи во 2003 год. мојот сопруг имаше сообраќајна несреќа на тој ден.
Од тој ден секој ден на син ми му давав да се напие од водата која ја оставив една ноќ во манастирот и го миев со истата.
По една недела од празникот, Кристијан почна да зборува!
Фала му на Бога и на св. Еразмо што ги услиша моите молби и молитви.
Одтогаш почесто ја посетуваме црквата, а секојдневно му се молиме на Бога и на светецот.”
– Катерина Толевска Скепароска
01.03.2025 год.