АктуелноОхрид

Утре Пасхално богослужбено торжество во манастирот Благовештение на Пресвета Богородица во Кичево

Исполнети со радоста од славното Христово Воскресение, во овие светли денови ја предвкусуваме вечната радост кон која се стремиме, живеејќи во светлината на Пасхата.
Во оваа Воскресна пролет, кога сè околу нас се облекува во бел цветен украс, ни претстои празнување на споменот на Живоносниот Источник на Пресвета Богородица – нашата Царица Небесна.
По тој повод, на 25 април (петок), во нашата света обител ќе се одржи Пасхално богослужбено торжество со следниот распоред:
08:00 – Утрена богослужба
08:30 – Пречек на Владиката
09:00 – Архиерејска Литургија проследена со торжествена литија до местото Господинец
На богослуженијата, за наша голема радост ќе претстои нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, кој ќе го излее својот благослов врз сите присутни.
Особена чест ни е и присуството на монашките заедници од Бигорската, Рајчичката и Кнежинската обител.
Ги покануваме сите оние што сакаат заедно со нас да ја споделат оваа пасхална радост во молитвено единство.
Христос Воскресе!