АктуелноОхрид

Љутков: Чест и задоволство ми е да најавам едно од најзначајните културни случувања во нашата земја – јубилејното, 65-то издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ е многу повеќе од фестивал, тоа е симбол на културната зрелост на нашата држава, симбол на отвореностa кон светот, симбол на врвната уметност и културен амбасадор на нашата земја.
И оваа година, фестивалот ќе донесе програма која го задржува врвниот уметнички стандард, но и ќе ја отвора вратата за нови културни перспективи. Како што истакна и директорот Ѓорѓи Цуцковски, ќе имаме уметници од меѓународен ранг, но и македонски имиња кои блескаат на светските сцени – солисти, оркестри, театарски ансамбли, модерни проекти и традиционални изведби.
Сакам да потенцирам уште една важна димензија на фестивалот: „Охридско лето“ е и голем двигател на туризмот.
Во текот на фестивалските денови, Охрид станува центар на меѓународно внимание. Илјадници посетители – туристи, љубители на културата, уметници и медиуми доаѓаат во Охрид да го почувствуваат спојот на уметноста, природата и историјата.
На директорот, на селекторите на уметничката програма Симона Ѓорчева и Ненад Витанов како и на организацискиот тим на фестивалот, локалната самоуправа и сите партнери и поддржувачи им упатувам искрени честитки. Благодарение на вашата посветеност, 65. издание на „Охридско лето“ ќе биде вистинска културна прослава со европски сјај.
Воедно на сите граѓани и посетители им упатувам покана ова лето да бидат дел од магијата на Охрид, да ги славиме музиката, театарот, уметноста потврдувајќи дека кога културата се негува, таа враќа со светлина, инспирација и достоинство.