АктуелноОхрид

(In memoriam) На 75 години почина новинарот Илче Стојаноски

Денеска во Охрид на 75 годишна возраст почина новинарот Илче Стојаноски, кој целиот професионален работен век го помина во Центарот за печат и радио Охрид.Стојаноски е роден на 18 јуни 1949 година во Прилеп, а по три години од неговото раѓање неговите родители се преселуваат во родниот град на неговата мајка – Охрид, која патем потекнува од старата охридска фамилија Киселиновци.

Основно и средно образование завршува во Охрид по што школувањето го продолжил во Скопје на правниот факултет на универзитетот „ Свети Кирил и Методи „. Во Охрид се враќа во 1976 година и во потрага по работа по својата професија, наредната 1977 година започнува да работи како надворешен соработник – новинар. Од 1979 година е во редовен работен однос во Радио Охрид и постојано напредувал во својата професија. Во 1982 година е именуван за Главен и одговорен уредник на програмата на Радио Охрид, и на таа функција останува до 1986 година кога е назначен за в.д. директор и главен и одговорен уредник на Радио Охрид. По завршувањето на мандатот, останува во дневната редакција и работи како новинар.  Водител е на дневно информативаната емисија „Настани „ на контактите емисии „ Во сабота со Вас“, „ Радио берза“ а од големата љубов кон Охрид и неговата истражувачка дејност, ја реализира емисијата „ Охрид во моите спомени“ при што се снимени и емитувани над 100 вакви документарни емисии.  Врз основа на снимениот материјал тој има напишано две книги со исти наслов „ Кажвиме за да не се заборајт“ и тоа првата во 1996  во 2003 година.  Во третата книга на Илче Стојаноски, монографијата „ Охридски времелов 1848-1948“ издадена 2012 година повторно во чест на патронот на Охрид Свети Климент Охридски тој се обиде  да го потврди Охрид во еден минат период од 100 години, преку цртежи, фотографии и коментари. Започнува од 1848 година со цртежите на Едвард Лир, продолжува со првите фотографи направени во Охрид во 1863 година од Јошеф Шекељ. Потоа се нижат фотографиите од почетокот на 20-тиот век на Мери Едит-Дурхам, и други фотографии од разни автори, чии имиња не се познати, се’ до првата половина на 20-тиот век или поточно до 1948 година.

Стојаноски потоа ја напиша и четвртата книга „Охридски вистини, случки, приказни и факти од минатото“, издадена 2014 година. денови. Последниот труд на Стојановски е издавањето на ДВД,  „ Охрид во моите спомени“  Како пензионер на најумесен начин продолжи да го промовира Охрид преку ФБ страницата „ Охрид, убав мил“ чиј креатор и администратор меѓу другите беше и тој.

За својот труд Илче Стојаноски за време на својот работен век има добиено голем број награди и признанија. Ја издвојуваме наградата на Здружението на новинарите на Македонија во 1999 година – Прво место за документарната емисија „ Афродита Охридска“ и највисоката награда од ова здружение, наградата ГРАН ПРИ. Сепак од сите досега добиени награди и признанија, најдрага му беше  Повелбата „ Свети Климент Охридски“ доделена  од општина Охрид во 2007 година.

Погребот е во среда ,23 април од 12 до 12.30 на Градските гробишта во Охрид .