АктуелноОхрид

Оваа сабота: “Вкуси го Охрид-локално”

Надалеку прочуената гастрономија на Охрид: охридско ѓомлезе, комат, питулици, макало.., но и гастрономската традиција на нашата земја, локалните производители, чувари на традицијата.., ви закажуваат состанок, оваа сабота, 27 јули во 19 часот.

Имено, Слоу фуд Охрид по третпат го организира настанот „Вкусете го Охрид – локално“, сидрото е на атрактивната локација на Плоштадот кај Долна Порта, и, сите се добредојдени.

Организаторот советува да не го пропуштате овој интересен, несекојдневен и богат своевиден пазар: ќе се потсетите на изворниот вкус на охридските и македонските специјалитети приготвени на домаќински начин, ќе слушнете како што настанало и ќе уживате во добра музика. Да го славиме нашето!

Слоу Фуд Охрид е дел од Слоу Фуд Македонија и поради извонредната местоположба и преку своите уникатни приказни е надоен со искрена љубов кон традицијата, почитување на природниот биодиверзитет и локален идентитет. Та, нели сме ние она што го јадеме?!

Настанот е можност да се промовира храна што генетски ја препознаваме, да ги измериме капацитетите на “бавна” храна наспроти трендот на брза и неквалитетна храна.

„Вкусете го Охрид, локално“ е организиран од Слоу Фуд Охрид со поддршка на Општина Охрид и Слоу Фуд Македонија.

Охрид повикува: ве очекуваме во сабота, 27 јули на Плоштадот кај Долна порта од 19 часот.