Македонија

Сајкоски: Пендаровски овие пет години беше статист во процесите на оваа лоша власт

„Денес ќе го имаме еден од најголемите собири кој што се случил во Македонија последниве години. Собир кој што ќе биде вовед на паѓањето на една лоша власт. Власт која што изминативе години покажа дека нема лидерство и власт која што во тоа лошо лидерство го вклопи и претседателот на државата Пендаровски, кој што изминативе пет години е само статист во процесите и не покажа ништо“, истакна Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во ИЕ5 во Отвореното студио пред започнување на големиот народен митинг пред Влада на Република Македонија.

„Ние сме сведоци дека поминаа пет години од кога имаме претседател кој што не учествуваше во подготвување на меѓународни договори. Претседател кој што не ги креираше меѓународните договори. Претседател кој што изминативе години не посети ниту една држава надвор од Македонија за да покаже дека сака Македонија да ја приближи кон оние партнерски држави“, заклучи тој.

Сајкоски додаде дека на Пендаровски устата му е преполна со ЕУ, а не посети ниту една земја од ЕУ.

„Поразително е тоа што и претседателот на државата изминативе години не беше посетен од ниту еден светски државник“, рече Сајкоски.

Тој посочи дека тоа покажува за капацитетот на претседателот и покажува за безличноста.

„Ние имавме претседател кој што ќе биде сменет после осми мај, кој што наутро кажуваше една изјава, попладне ја демантираше, а навечер не се согласуваше со двете изјави што ги кажал претходно“, потсети Сајкоски.

Тој укажа дека наместо Македонија да има претседател кој што е браник на македонскиот идентитет, Пендаровски потпадна на пропагандите.