Понекогаш не се потребни многу зборови за да се покаже колку е убаво летото на Охридското Езеро. Доволни се кристално чистата вода, сончев ден, SUP даска и најдобриот пријател – кучето.

Токму такви моменти се забележани на најновото видео и фотографиите, на кои девојка заедно со своето куче ужива веслајќи на SUP даска. Додека таа полека се движи по мирната езерска површина, нејзиниот четириножен придружник мирно седи на даската и ужива во возењето, создавајќи сцени кои измамуваат насмевка.
SUP (Stand Up Paddle) спортот станува сè попопуларен на Охридското Езеро, бидејќи нуди можност за рекреација, релаксација и директен контакт со природата. Посебно атрактивни се утринските часови, кога езерото е мирно како огледало, а погледите кон брегот и планините оставаат без здив.
Видеото уште еднаш потврдува дека авантурите на вода можат да бидат уште поубави кога се споделени со оние што најмногу ги сакаме – без разлика дали станува збор за семејството, пријателите или домашните миленици.
Охрид и неговото езеро и ова лето остануваат една од најубавите дестинации за љубителите на активниот туризам, а ваквите сцени се најдобрата покана за сите кои сакаат да го доживеат езерото од една поинаква перспектива – тивко, опуштено и во хармонија со природата.

















