АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Жителите на Охрид, Струга, Дојран и Преспа живеат покрај езеро, но сепак летуваат на море!

Жителите на Охрид, Струга, Дојран и Преспа ако живеат покрај езеро, сепак летуваат на море, а најчести дестинации им се Грција и во поново време и Албанија.

Каде ќе летуваат одлучуваат врз основа на цените и близината. Ова го тврдат од туристичките агенции во наведените градови. Жителите на туристичките места во земјава сакаат да истражуваат нови дестинации.

„Албанија, Грција и Турција се најчестите дестинации. Луѓето сакаат да посетат нови места“, велат од струшка туристичка агенција.

Како што Грци доаѓаат во Дојран, така и дојранчани одат на одмор кај јужниот сосед.

„Дојранчани одат во Грција, во Турција, тие што имаат повеќе пари, а кој нема пари останува тука или одат во Бањата Банско во Струмица. Најчесто луѓето одат во Грција. Блиску сме до граница. За час и половина сме на море. Има комбиња, автобуси, така што може да се оди на еден ден, а цената е поволна. Јас одам на Халкидики“, вели Рушка Газетиќ од Дојран.

И жителите на Ресен и Преспа најчесто ја бираат Грција.

„Од познаници знам дека претежно одат во Грција. Сум била во Албанија и Грција и плажите се неспоредливи иако и цените се неспоредливи. Познавам и луѓе кои одат и на скапи дестинации, но бројот е мал“, раскажува Силвана Ристевска, која ги издава апартманите Релакс во Претор.

Ако ги погледнеме податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС) од пред неколку години во однос на патувањата на домашното население, тие покажуваат дека најголем дел од луѓето патуваат во Грција, а потоа како дестинации следат Албанија, Црна Гора, Бугарија, Турција, а поретко ги посетуваат Хрватска, Шпанија или некои поегзотични дестинации. Најголем дел од нашите туристи одмораат во странство до 7 дена, а помалку се оние кои можат да си дозволат подолг одмор. Има луѓе на кои воедно одморот им се состоел од посета и на домашна, но и на странска дестинација. Нашите туристи обично одат во приватно сместување или хотели, а поретко во кампови или кај роднини и пријатели. До дестинацијата за одмор, обично стигнувале со автомобил, поретко со автобус, а помал процент патувале со авион, покажуваат статистиките.

 

faktor.mk