АктуелноОхрид

(ФОТО) Фотографија од охридското семејство Узунови – Карадимчеви за прв пат објавена на изложбата на стара фотографија „Лица на револуцијата“

Би сакал да го изразам моето големо задоволство што изложбата на стара фотографија „Лица на револуцијата“ сè уште патува низ Македонија и интересот за истата се зголемува секојдневно. Моментално изложбата е поставена во спомен куќата на Христо Узунов во Охрид и може да се погледне до последната недела на февруари. Иако првично не беше дел од изложбата, сепак се одлучив на декемвриското отворање во Охрид пред јавноста да објавам во оригинал една непозната фотографија од охридското семејство Узунови – Карадимчеви, сакајќи да споделам парче историја од прочуените охридски фамилии. Оригиналната фотографија е дел од мојата приватна колекција и ја објавувам за прв пат, споделувајќи ја во дигитален формат, напиша на својот ФБ профил Димче Ратајкоски.
Во продолжение ја пренесуваме објавата во целост:

Димитар КАРАДИМЧЕВ со својата мајка Теофанија УЗУНОВА КАРАДИМЧЕВА, Охрид, портрет. Фотографија на Димитрија МИТАН, охридски фотограф, прва деценија на 20-ти век.

Теофанија Узунова (мажена Карадимчева) е сестра на Димитрија Узунов (татко на македонскиот револуционер Христо Узунов), тетка на Христо. Нејзиниот син, Димитар Карадимчев е македонски интелектуалец и бугарски општественик кој својот животен век како учител го минува во градот Трн во Бугарија. Со доаѓањето на Димитар Карадимчев во Трн започнува и сценската уметност во градот, кога околу 1880-та година биле претставени првите едночинки, битови театарски сцени поставени токму од него. Тој бил основач на периодичниот печат во градот, основајќи ја и првата печатница. Бил уредник на весници и списанија, како и активен деец на револуционерната македонска емиграција во Бугарија.

За нас е важна неговата „Автобиографија“ (во ракопис, сè уште необјавена), во која го раскажува минатото на градот Охрид, потеклото на семејството Узунови како и неговата активна емигрантска работа. Објавата овде има за цел да ја потикне научната фела за побрза обработка и излегување од печат на истата.

Изложбата Лица на револуцијата, за прв пат го објави неговиот портрет (оригинал) како дел од групна фотографија на учители од 80–те години на 19 век, фотографирани во градот Самоков во Бугарија, на која Карадимчев е прикажан заедно со еден од основачите на Македонската револуционерна организација, Иван Хаџи Николов, кој во тоа време бил учител во градот Костенец. Фотографијата е изложена во куќата на Христо Узунов и е дел од приватната колекција фотографии на Dusko Dule Apostoloski

Задоволството е уште поголемо, затоа што на отворањето на изложбата во Охрид, меѓу познатите потомци од охридските фамилии, со свое присуство нè удостија и потомците на Карадимчеви во Македонија, од стеблото на Ахил Карадимчев, македонски учител, свештеник и револуционер на ВМРО, брат на Димитар Карадимчев.

Ако патот Ве однесе накај Охрид, не двоумете се, посетете ја спомен куќата на Христо Узунов и нурнете се во визуелната историја на македонската револуција. Покрај изложбата Лица на револуцијата, ќе можете да ја истражите и историјата на охридските староградски семејства, а семејството на Узунови е задолжително четиво. На крајот би сакал да изразам огромна благодарност до Општина Охрид за пројавениот интерес, организација и презентација на изложбата во градот.

извор: ФБ Димче Ратајкоски