АктуелноОхрид

Пратеникот Сашо Донев со предлог-закон за трансформација на работниот однос во редовно вработување

Пратеникот во Собранието на Република Северна Македонија, охриѓанецот Сашо Донев, информира дека е поднесен предлог-закон со кој се предвидува трансформација на работниот однос во редовно вработување за лицата опфатени со предложеното законско решение.

Донев, преку објава на својот Фејсбук-профил, истакна дека целта на законското решение е да се обезбеди поголема сигурност за работниците и нивните семејства, како и да се стави крај на неизвесноста во однос на нивниот работен статус.

„Како пратеник во Собранието, цврсто верувам дека вистинската грижа за граѓаните се покажува со конкретни дела, а не само со зборови. Затоа, поднесуваме Предлог-закон за трансформација на работниот однос во редовен работен однос за сите овие лица“, наведува Донев.

Според него, предложеното законско решение претставува чекор кон обезбедување поголема социјална и економска сигурност на работниците.

„Ниту еден работник повеќе не смее да биде во неизвесност за своето утре. Ова е закон за правдина, за сигурност и за достоен живот на секој поединец и неговото семејство“, порача пратеникот.

Донев нагласува дека ќе продолжи со активности насочени кон подобрување на условите за живот на граѓаните, истакнувајќи дека грижата за сите граѓани треба да биде приоритет на Владата и институциите.

Во објавата не се прецизирани категориите работници што ќе бидат опфатени со предлог-законот, ниту условите под кои би се вршела трансформацијата на работниот однос.