АктуелноОхрид

Струга ќе биде домаќин на првиот Меморијален пливачки митинг „Кире Ѓоргон 2026“

На 8 ноември 2026 година, Струга ќе биде домаќин на првото издание на Меморијалниот пливачки митинг „Кире Ѓоргон 2026“, спортски настан посветен на зачувувањето на богатата пливачка традиција на градот и сеќавањето на истакнатиот пливач, тренер и спортски работник д-р Кире Ѓоргон.

Митингот се организира во чест на Ѓоргон, кој заедно со своите пријатели д-р Јосиф Докоски и Јонче Кувенџиески – Шишко трагично го загубил животот, оставајќи зад себе спомен за посветеноста на спортот и пливањето.

Покрај пливачките натпревари, годинава за првпат ќе се одржат и натпревар во парапливање, како и мастерс-трка, на која во базенот повторно ќе настапат поранешни пливачки асови од Струга и Охрид.

Организаторите најавуваат настан што ќе ги обедини различните генерации пливачи, ќе ја потсети јавноста на значајните имиња од струшката спортска историја и ќе придонесе за продолжување на традицијата на пливањето во регионот.

Меморијалниот митинг „Кире Ѓоргон 2026“ има за цел да биде повеќе од спортско натпреварување – да прерасне во симбол на почит, спортски дух и трајно сеќавање на луѓето кои оставиле длабока трага во струшкиот спорт.

На 8 ноември, Струга ќе плива во чест на спортот, традицијата и споменот на оние кои го задолжиле градот со својот придонес.