Наш ИзборНаш изборОхрид

(Видео) Богојавленски проблесоци во Ростуше, Радика и Гари

Веќе неколку дена Црквата ги повикува своите верни чеда да „одат и нацрпат вода од источникот на спасението“, од „духовниот камен“ од кого избија и потекоа води на вечен живот, Господ наш Исус Христос, Кој денес во реката Јордан од Јован се крштева. Ова големо Таинство, со кое „се просветлува секој човек што доаѓа на светов“, е исклучителна привилегија на секој Христијанин со чинот кој се нарекува Осветувањето вода на празникот Богојавление, всужност да го доживее личното осветување и просветување преку познанието на единосуштната и надсуштествената Троица, Отецот и Синот и Духот.

Со прекрасни песни и пророчки слова таа сака да ја трогне душата, прикажувајќи чудесна глетка на која со трепет се восхитуваат и силите ангелски: како „Оној Кој ја обеси земјата на водите“ Го примаат речните води; како „Оној Кој го облекува небото со облаци“ е облечен во водите Јордански; како Самиот Творец на родот човечки се соблекува, за да ја покрие голотијата Адамова и да го облече во нова и светла облека на духовен препород, за со таа облека да ја стопли душата на паднатиот човек, оладена од студот на страстите… Водата Господ ја осветува, за ние, кои сме облечени во тело, преку видливото оросување на телото со вода, полесно да ја подготвиме душата за оросување со Светиот Дух. Тоа осветување треба да продре длабоко, во внатрешното битие на човекот и да го направи нова твар, обновена личност, жител на рајот и сведок на тајните Божествени.

Задоена од светопреданискиот дух на Црквата Христова, Бигорската Света Обител со достоинство и велелепие го празнуваше денеска празникот на Троичното Богојавление, настанот на најголемото откритие во историјата – имено, откривањето на единиот Бог во Троица. Божествено јавување, Просветление, Очистување. На душата олеснување од гревовите и исконско радование. Со чувства на благодарност и на живот во светлината духовна, многубројни верни притекнати од разни краеви и сосредоточени во сечесниот храм на Царицата Мајка во с. Ростуше, го празнуваа молитвено денот на Христовото Крштение во Јорадан од раката на Чесниот Претеча и Божествен Крстител Свети Јован. Литургиското собрание, возглавено од нашиот богољубив и празникољубив Старец, Светиот Антаниски г. Партениј, свештенолепно ја отсликуваше славата и честа на денешниот празник. Молитви, благодарења и мистично соединување со нашиот Спасител, Господ Исус Христос, беше содржината на богослужбеното торжество во Ростуше.

По завршетокот на Божествената Евхаристија, традиционално, со молитвена литија, народот Божји се упати кон брзите води на Радика, каде што Старецот, преку чинот на Големиот Богојавленски водосвет, го испроси благословот Божји и осветувачката сила на Светиот Дух. И она што го полнеше со восхит срцето на секој присутен, беше многубројноста на младите души подготвени да влезат во осветените водотеци од љубов кон светиот крст и за небесен благослов. Така, годинава над двесте и педесет млади луѓе влегоа во Радика кога Епископот г. Партениј го положи крстот во реката, благословувајќи ги претходно сите нив со татковски благослов. Од нив, пак, најголемата радост ја имаше Александар Најдовски од Битола, кој по втор пат го извади чесниот крст од осветените води на Радика.

Откако владиката г. Партениј ја сподели радоста и благодатта со верниот народ, по претходна молба од ѓаконот Дарко Несторовски и на благочестивите гарчани, се упати кон славното мијачко село Гари, родното место на генијалниот копаничар Петре Гарката, за таму, по прв пат, да го изврши Големиот Богојавленски водосвет и да ги освети водните струи на Гарска Река. Сместена во живописна клисура, среде планински врвови и високи карпи, реката на с. Гари мистично раскажуваше за својата радост од денешната посета и свештениот чин што се изврши во неа. Благословот, пак, да го извади чесниот крст од нејзините брзи води го имаше младиот Виктор Нестороски. Голема благодарност и нескриена радост и задоволство се отсликуваше на лицата на присутните, кои домаќински го пречекаа нашиот Старец, Епископ г. Партениј, бидејќи за нив беше голем благослов и историски ден на посета на владика, кој им го благослови селото и делата на нивните раце и ги освети водите, положувајќи го во нив чесниот крст.

Небесните светлини од овој благословен ден да ни ги умножува Бог, воведуваќи нè во Својата чудна и незаодна светлина на Својата слава.

https://www.youtube.com/watch?v=4mnyGpksrqY&embeds_referring_euri=https%3A%2F%2Fbigorski.org.mk%2F&source_ve_path=OTY3MTQ&feature=emb_imp_woyt