Последен поздрав на Илиевски му оддадоа неговите колеги, соработници, членови на семејството, како и претставници и вработени во Општина Охрид, каде Илиевски го заврши работниот век.
Кариерата ја почнал во средношколските денови пишувајќи во гимназискиот весник „Јужен бран“. По завршување на студиите по новинарство во Скопје, пишувал за „Студентски збор“, белградски „Студент“ загребски „Студентски лист“, словенечките „Трибуна“ и „Катедра“, како и за весникот Младост, а кратко соработува и со Македонската радио телевизија. Дописник бил на радио „Београд 202“, подоцна за „Студио Б“, а текстови објавувал и во познатите весници од времето на поранешна Југославија „Борба“, „Политика“ и„НИН“, а кратко соработувал и со државната агенција Танјуг.
Соработувал и со повеќе радија, а најголем печат остави во Радио Охрид, каде беше новинар долги години. По осамостојувањето на Македонија работеше во локалните телевизии АТВ од Струга, охридските ТВМ и НТВ, а беше дописник на „Утрински весник“ од основањето и на телевизијата Канал 5.
Симон Илиевски беше претседател на Регионалната канцеларија на Здружението на новинари Охрид – Струга до 2010 година кога целосно се повлече од новинарството и почна со работа во службата за односи со јавност во Општина Охрид.