Наш ИзборНаш изборОхрид

Заглавени мрежи во Охридско Езеро закана за пастрмката

Рибарски мрежи со децении гнијат во длабочините на Охридското Езеро и го загрозуваат опстанокот на живиот свет во него, меѓу кои и на охридската пастрмка и белвица.

Во рамки на акцијата за нивно отстранување, на различни локации беа извадени 64 напуштени, изгубени и на друг начин оставени рибарски мрежи со должина од 2 километра.

„Спецификата на хабитатот, односно на местото за мрестење на пастрмката е во тоа што самиот простор е исполнет со карпи, каде што овие мрежи духови многу лесно се закачуваат. Кога ќе станат мрежи духови, веќе не се селективни и на себе врзуваат и други мрежи со други димензии на окца и токму поради тоа се што ќе помине покрај нив станува жртва. Тоа не се секогаш риби, тоа можат да бидат и птици“, вели Душица Илиќ Боева, научен работник во Хидробиолошки завод Охрид.

Мрежите кои се извадени биле на длабочина од 5 до 35 метри, каде што се наоѓаат и природни рибни плодишта на охридската пастрмка и истите служеле за лов на сите комерцијални видови риби.

„Имаше и стари мрежи кои се кончани, но бидејки исплеткани со најлонските не можат да се распаднат и тие и понатаму ловат. Пастрмските видови не мрестат на места каде има трулеж на риба. Ако има потонати мрежи, без разлика во која состојба на распаѓање е тоа што е фатено во тие мрежи, ќе ги одбегнуваат тие нормални природни рибни плодишта подолг период, додека не бидат исчистени за да се вратат во нормалниот природен хабитат. Проблемот трае со децении“, рече Илиќ.

Орхидеја Тасевска, директорка на Хидробиолошки завод Охрид вели дека се изработени од материјали кои не се биоразградливи, претежно најлон кој остава последици врз животната средина и живиот свет кој го населува Охридското Езеро.

„Служат како некакви вештачки бариери и препреки во кои живиот свет може да биде задржан и заплеткан и угинат овде“, рече Тасевска.

Во отстранувањето на мрежи учествуваа нуркачи од Охрид.

 

 

 

VOA