четврток, ноември 14, 2024
АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Успешно прво издание на OHRID WATER FESTIVAL

Сите 17 спортски настани на вода кои се одржуваа во рамки на првото издание на големата промотивно-спортска манифестација Ohrid Water Festival поминаа успешно, а сите настани од социјално-забавниот дел на манифестацијата привлекоа големо внимание кај публиката. Ова беше потенцирано на заедничкиот состанок на организациониот тим на фестивалот и одговорните во спортските клубови, кој се одржа денеска, на иницијатива на градоначалникот Кирил Пецаков, со цел да се сумираат впечатоците и резултатите од реализацијата на фестивалската програма.

Во своето обраќање до присутните, градоначалникот упати честитки и голема благодарност до сите кои биле вклучени во организацијата на фестивалот со надеж и желба за уште поуспешни изданија во иднина. Тој искажа задоволство што една убава идеја, преку заедничка соработка и посветеност прераснала во нова спортска приказна, која ќе стане препознатлив белег на градот и ќе го промовира како атрактивна спортска дестинација.

Како знак на благодарност за вклученоста во фестивалот и придонесот за неговото успешно одржување, Ohrid Water Festival ќе обезбеди пригодни награди за клубовите учесници.

Ohrid Water Festival се организираше во периодот од 19-ти до 27-ми август 2023 година со целосна поддршка на Локалната самоуправа, а неговата основна цел е популаризација на водените спортови на Охридското Езеро и промоција на уникатните потенцијали со кои располага Охрид како најголем туристички центар во Република Македонија.

Како пропратен дел на фестивалот се одржаа и голем број социјално-забавни настани, музички концерти, промоција на реквизити за водени спортови, промоција на традиционална храна, изложби на фотографии, панел дискусии и други содржини. Како дел од фестивалската програма беше вклучен и Хидробилошкиот завод, во чија организација беа одржани неколку едукативни настани за афирмација на уникатноста на Охридското Езеро.