АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Пецаков: Охрид ја живее најдобрата сезона во историјата, Охрид-Кичево е „автопат на смртта“, базенот мора да се изгради, иако тука сакаа да градат болница

После 7 или 8 години добивме тотално нефункционален автопат, дури и на низинските делови каде нема поголеми проблеми за градба, изјави градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков за емисијата „За или против“ на националната телевизија Алфа.
Пецаков напомена дека генерално, сите ние кои патуваат често од Охрид кон Скопје и обратно знаат дека интензитетот на градба на автопатот Охрид-Кичево е слаб. Дополнително имаше проблем со потегот од Охрид до после аеродромот кој го изведувапе албанска фирма, а охриѓани се тие кои цело време ги трпат проблемите и последиците.

– Ова стана автопат на смртта затоа што многу луѓе ги загубија животите во текот на изградбата. Постојано добивавме лажни ветувања за тоа кога ќе заврши изградбата. Немаме скоро никаква комуникација со одговорните, а се трошат милиони државни пари. Имаме некои состаноци поврзани со автопатот само за две клучки кои се на територија на Општина Охрид. За тие сме разговарале, но за рокови немаме никакви информации. Јас се обидов да комуницирам во периодот кога го затворија влезот во Охрид, за што сите наши служби сметаа дека не треба да се направи. Имавме комуникација со преписки и прес конференции, тие сметаа дека сум бил лицемерен и официјално на темата за завршување на автопатот никогаш не сме разговарале, истакна Пецаков.

Тој напомена дека е слична сликата и кај затворениот базен кој отпочна да се гради скоро во исто време како и автопатот.

– Едно време дури сметаа дека не ни треба базен, дека требало да се гради на таа локација болница. Иста е состојбата со автопатот. Двете работи се потребни, Охрид е град на вода, децата сакаат да пливаат, но за тоа се потребни услови, конкретно за базенот. По преземањето на власта двете овие работи ќе бидат завршени, напомена Пецаков.

Во делот на туризмот бројките од најдобрите години се веќе надминати.

– Охрид го очекува повеќе од успешна сезона и тоа треба да ја означува најдобрата туристичка сезона во историјата на градот. Точните параметри ќе ги имаме кон крајот на годината и тогаш ќе ги имаме конечните сумирања, вели охридскиот градоначалник.

Во однос на цените на понудата во Охрид, кои според многумина се релативно високи, Пецаков со став дека Охрид е туристичко место кое има места за сите, според можностите.

– Кога разговараме за Охрид, посебно од дел од домашните туристи е критикуван за одделни цени кои не се повисоки од оние во главниот град, посебно во центарот на Скопје. Овде цената ја креира пазарот. Во вториот ред имате продажба по многу пониски цени. Секој може да ужива во Охрид, според своите можности. Насочени сме кон домашните гости, но во Охрид има над 10 илјади станови, имоти и и куќи кои не се од охриѓани. Сепак, бројката на странски гости е огромна. Лани имавме скоро 400 илјади ноќевања во сместувачките капацитети. Ние како град не можеме да регулираме цени, тоа го прави пазарот. Се’ додека има гости кои го посетуваат градот и комплетната понуда, тогаш сето тоа е во ред. Тие кои се за на море секако ќе одат таму, но доаѓаат и во Охрид. Она што го нудиме како дестинација е несразмерно по пониски цени од оние во Грција, вели Пецаков.

Околу извештајот за загаденоста на водата во Охридското Езеро, градоначалникот на Охрид со став дека истиот дојде на почетокот на сезоната кога редовно преку дел од медиумите се добиваат напади кои не соодветствуваат со реалната состојба.

– Стариот град и Канео се поврзани на градската мрежа и не испуштаат загадена вода во езерото. Беа посочени и сите хотелски објекти од „Парк“ до „Св. Наум“ како потенцијални загадувачи. Три недели подоцна, Институтот за јавно здравје излезе со информација дека водата е од прва категорија. Станува збор за срамен извештај и една небулоза, затоа што ако ние имаме проблем со колекторот, тоа во деловите кои не се покриени со колекторот. И ние како локална самоуправа од три две обврски веќе ги завршивме, добивме одредени средства и се работи на терен.

Во врска со плажите, Пецаков со став дека плажите се уредени по принципот на поставување на урбана опрема со дефинирани параметри кои треба да се почитуваат.

– Има одредени реакции, но генерално на сите плажи нема проблеми и оние кои ги има се работи да се отстранат. Спасувачи има и нив ги покрива Црвен крст. И во минатото и сега има спасувачли во број кој е потребен и се надеваме дека нема да имаме немили настани. Уредувањето на крајбрежјето вклучува повеќе работи. Во однос на застапеноста, ги има скоро на сите уредени плажи, истакна Пецаков.

Според него наследениот долг е најголемиот проблем на градот.

– Во блиска иднина сум убеден дека ќе ја раздолжиме општината и таму е насочен нашиот фокус. Со задоволство би се кандидирал повторно, доколку ме поддржи народот и доколку добијам поддршка од партијата, истакна Пецаков.

 

 

ohridpress.mk