недела, ноември 24, 2024
Актуелноглавни-вестиНаш ИзборНаш изборОхрид

IN MEMORIAM – Почина Венко Шапкар

Денес по кратко боледување на седумдесет годишна возраст почина познатиот охридски бизнисмен, хуманист и општественик Венко Шапкар.

Венко Шапкар низ својот живот и својот работен век се истакна како човек кој оствари значајни резултати во бизнисот на меѓународна сцена,  соработувајќи на повеќе континенти,  во години кога македонското стопанство тешко функционираше на Балканот. Венко Шапкар ќе остане запаметен и како мецена на охридскиот спорт,  хуманист, донатор, и промотор на Охрид пред луѓе од светскиот бизнис.

АМАК СП – играч на светска цена во години кога бевме држава од третиот свет и за цел свет ни требаа визи

Венко Шапкар ја основа и успешно ја водеше компанијата АМАК СП , која по 2000-та година беше столб на локалното стопанство во Охрид вработувајќи над 900 луѓе и работејќи со над 100 локал ни добавувачи од овој дел на Македонија. Во тој период кога туризмот беше сведен на најниски гранки, а фабриките во Охрид беа уништени, Шапкар успеа да воспостави релации со компании од Америка и Русија и да изгради мостови на соработка кои овозможуваа милионски извози , со што АМАК СП стана единствена охридска компанија која се наоѓаше во првите 100 најуспешни фирми во Македонија, и беше еден од најголемите извозници.

ГО НОСЕШЕ СВЕТСКИОТ БИЗНИС ВО ОХРИД

Шапкар градејќи деловни и лични реалции со сосптвеници и менаџери на светски компании, низ годините работа донесе и угости во Охрид десетици, ако не и стотици луѓе од светскиот бизнис, но и луѓе од светската култура , уметност, спорт и естрада, па така компанијата АМАК СП речиси постојано беше домаќин на ваква категорија на гости, кои престојуваа во Охрид и покрај деловните состаноци, остануваа по неколку денови како гости на компанијата да го разгледуваат и да се запознаваат со природното, културното и кулинарското богатство на нашиот град.

ГО ОДНЕСЕ ОХРИДСКИОТ СПОРТ ВО СВЕТОТ

Венко Шапкар беше спонзор на неколку спортски клубови. Тој го финансираше стрелачкиот клуб  „Ристо Шапкар“, го обнови едрењето во Охрид целосно финансирајќи го едриличарскиот клуб АМАК СП БОФОР, а круна на спонзорствата во спортот беше формирањето и финансирањето на кошаркарскиот клуб АМАК СП кој покрај што стана македонски шампион, се пласира и играше во Европската лига, успех кој е без преседан за локални охридски рамки, а тешко се постигнува и на државно ниво.

СО СВОИ ПАРИ ФИНАНСИРАШЕ ТЕАТАР

Јавноста во Охрид беше пријатно изненадена кога во 2005 година, Венко Шапкар прифати да биде спонзор на театарска претстава во која настапуваа охридски актери кои во тој период немаа ангажман бидејќи Охрид ( градот на културата и писменоста ) во тоа време немаше свој театар, па така тој исфинансира една театарска претстава која имаше неколку изведби. Со тоа на еден најпрефинет начин се актуелизира овој проблем, а јавноста се „крена на нозе“ по што Охрид конечно после половина век доби свој градски театар.

СПОНЗОР НА МЕДИУМИ

Шапкар го основа весникот „Амак Прес Охридски Новини“ кој беше локален печатен медиум во времето пред експанзијата на интернетот и оствари завиден успех во градот, а тој го купи и РАДИО ОХРИД кое го спаси од затворање во период кога погрешните политики на државата ги уништија сите локални радио станици во државава, благодарение на неговото чувство за одговорност кон градот, Радио Охрид беше спасено од пропаст, реорганизирано, и вратено во живот. Компанијата АМАК СП беше и спонзор и закупец на реклами речиси во сите приватни охридски медиуми кои постоеа во тоа време и кои од неа добиваа значајна ( а некогаш и клучна – спасоносна ) помош во нивната работа и опстојување .

Ова е само дел од активностите и делата на овој човек, а колку се дал , подарил и помогнал веројатно само тој и севишниот знаат.

Љ.Т. / Фото : архива Охрид1