Со најпознатите арии на Пучини, Верди, Прокофјев, Брамс… во изведба на светската оперска дива Ангела Георгиу, придружувана од симфонискиот оркестар на Националната опера и балет под диригентската управа на Чипријан Теодорашку, вечерва во Античкиот театар во Охрид беше отворено годинашното 63-то издание на фестивалот „Охридско лето“.
Пред исполнетиот аудиториум на магичниот Антички, фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот Стево Пендаровски, кој од сцената им посака слободна мисла на уметниците, преку нивните креации да го преобликуваат и да му дадат поинаква суштина, барем за миг, на она што е гнило и проблематично во светот.
Не постои ништо поважно од континуитетот во градењето на институционалната меморија на нацијата. Фестивалот „Охридско лето“ е парадигма за токму таквиот континуитет, кој преку својот шеесет и три години грижливо архивиран и развиван институционален капитал остава темелни траги во меѓународната размена на културни и уметнички вредности, изјави Пендаровски.
Тој за Охрид истакна дека е градот во кој се чува античкото, но, се создава и вреднува и современото. Според него, тука раскошот на природниот амбиент со векови ги инспирира луѓето да го покажат најдоброто во градителството, уметноста и духовноста.
На таа хармонија и убавина, на историјата и културата, фестивалот „Охридско лето“ природно и спонтано се надоврзува, нудејќи го најдоброто од музичката и сценската уметност, грижливо селектирано од сите светски меридијани. При тоа, фестивалот остава длабока трага помеѓу бројните цивилизациски и културни слоеви напластени во овој навидум мал, а толку многу значаен простор.
Круцијален национален императив е да го задржиме нивото и квалитетот што со себе го носи фестивалот „Охридско лето“. Само на тој начин ќе оставиме достоен печат на своето постоење во времето во кое живееме. Да оставаме вредности и патокази за следните генерации, да вложуваме во културата и во уметноста. И не само тука во Охрид, да овозможиме уметниците да продолжат да нудат визија за еден подобар свет…
Во мигови кога човештвото се наоѓа пред безброј предизвици кои ги негираат клучните цивилизациски придобивки, повеќе од потребни ни се уметноста и културата преку кои ќе повратиме дел од загубените или злоупотребени вредносни системи, изјави Пендаровски.
Обраќање пред присутните имаше и министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска, која се осврна на создателите на „Охридско лето“, луѓето со огромна визија, со бескомпромисна љубов и со неизмерна почит кон македонската акустична култура и уметност, кои, како што рече, тргнале „вооружени“ со храброст и трпение да му се спротивстават и на сомнежот, можеби и на потсмевот, на суетите, и на прогнозите за краток век на идејата да се роди нешто големо и нешто што ќе трае…
Во време во кое пред очи ни се менува светот со брзина напати тешко совладлива за нашиот разум, брзина која заплашува и ни се чини дека не ветува ништо добро, уметноста, како и многупати досега, ни го чува стравот со својата смирувачка порака – сè ќе биде во ред. Да. Во свет во кој секојдневно ударни наслови се лошите и лажните вести, вестите од културата одат сè подолу, до невидливост. За среќа, оптимистите и уметниците вестите ги читаат со поинаков редослед. Тие знаат дека без уметноста, животот би бил неподнослива празнина. Затоа, „Охридско лето“ е подарок, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа нагласи дека како што ни цивилизацијата ни културата не можат да опстанат без страст, така е и со нашите животи.
Ако иднината е одговор, огледало на нашите избори, зарем на сета борба, на сето минато и културно богатство, ќе дозволиме избор да потонеме во плиткото, да ’заринкаме‘ во плиткоумното. Историјата сведочи дека оттаму тешко се излегува особено кога уметноста, наместо спасителка, станува плен заробен и потиснат од агресивна и скапа имитација. А токму овие седишта од камен на кои седиме во „Античкиот театар“ се сведоштво дека културата кај нас има стар датум. Таков е нашиот Охрид, со право – наша духовна престолнина, наш неизбришлив културен код, лулка на сесловенската писменост. „Охридско лето“ е неговата најдобра разгледница. „Охридско лето“ одамна е во Европа. Стариот континент со својот истанчен и пребирлив вкус за културата и уметноста, со задоволство ќе повторам, високо го вреднува овој фестивал, посочи министерката.
Пораката од Античкиот тетар во име на уметниците ја упати Бисера Чадловска, која рече дека „Охридско лето“ повторно ќе биде медиум преку кој ќе говорат инспирацијата и креацијата, пренесени од интерпретацијата на уметниците, чија суштина на постоењето e перформативниот израз пред публиката.
Музичките и театарските уметници кои оваа година ќе застанат на сцените на кои сите изминати години се градеше приказната за ’Охридско лето’, Св. Софија, Долни сарај, Античкиот театар, ќе ја продолжат трансмисијата на уметноста, во чија суштина почива естетското, чувственото, возвишеното… рече таа.
За неа и за уметниците што тука настапуваат, сцените во Охрид се остварување на соништа што ги сонувале од деца, мислејќи дека можеби никогаш нема да се реализираат.
Но, еве сме тука, исполнети, горди и нетпреливи да го слушнеме првото штимање на оркестарот, кое ќе не внесе во претстојните 40 дена исполнети со прекрасна уметност. Во име на сите тие уметници, посакувам уште едно успешно издание на фестивалот „Охридско лето“, рече Чадловска.
Охрид преку овој реномиран светски етаблиран фестивал со високо реноме, се до 20 август ќе живее со уметноста. Наредните 40 дена ќе блеснат сцените на Атичкиот театар, црквата „Св. Софија“, нејзиното предворје, сцената „Долни Сарај“, Центарот за култура „Григор Прличев“, но и други интересни локации низ градот. Тоа се местата каде ќе се случуваат извонредно атрактивни културни настани, во кои можност да уживаат ќе имаат сите вљубеници во уметноста, во она што претставува врв во уметноста во светски рамки.
Програмата нуди настапи на светски познати имиња и ансамбли од музичката, драмската уметност, програма за сите вкусови и генерации, сето вклопено во неповторлив природен и духовен амбиент каков што е Охрид. Вљубениците во уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 34 концерти и седум театарски претстави, а програмата ќе биде збогатена и со балет, изложба на фотографии и промоција на книга. На фестивалот ќе настапат повеќе од илјада уметници од над дваесет земји од светот – Србија, Чешка, Италија, Словенија, Полска, Франција, Турција, Израел, САД, Украина, Шпанија, Црна Гора, Грција, Германија, Романија, Португалија, Египет, Русија и Македонија.