среда, ноември 27, 2024
АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Велики Петок: на Светите Христови Страдања- петокот пред Пасха

Во светиот и Велик Петок ги славиме светите, спасителни и страшни страдања на Господ Бог и Спасителот наш Исус Христос, коишто Он заради нас доброволно ги прими: плукањето, биењето, шлаканиците, навредувањата, исмејувањето, багреницата, трската, сунѓерот, оцетот, клинците, копјето и, на крајот – Крстот и смртта, а сето тоа се изврши во петок. Затоа, богоносните отци ни заповедаа да вршиме спомен на сè она што се збидна оној Петок, со скрушеност на срцето и со умиление. Треба да се знае дека Господ беше распнат во шестиот ден, односно во петок, затоа што во почетокот човекот беше создаден во шестиот ден. И тоа што во шестиот час од денот Он висеше на Крстот, беше затоа што во тој час, како што велат, и Адам ги пружи рацете кон забранетото дрво, го допре и умре. Бидејќи требаше, во оној час кога бидна падот, во истиот час да биде и пресоздавањето. Некои светители велат дека, според извесни преданија, на местото Голгота бил погребан од некој ангел самиот праотец Адам. А таму каде што е трупот, таму доаѓа и орелот – Христос, вечниот Цар, Новиот Адам, Кој стариот и паднатиот преку дрвото Адам, го исцелува со дрвото на крстот.

denovi.mk