понеделник, ноември 25, 2024
Наш ИзборНаш изборОхрид

Левица: Профитите и личните интереси ќе му пресудат на Охрид и Охридското Езеро

Во пет до дванаесет, до советниците на Општина Охрид беше испратен е-маил со предлози за дополнување на Дневниот ред на утрешната 26 Седница на Советот на Општина Охрид, се вели во соопштението од Левица ЛО Охрид.

Во продолжение соопштението го пренесуваме во целост:

1. Предлог програма за измена и дополнување на годишна програма за поставување урбана опрема во Општина Охрид за 2023 година.
2. Предлог одлука за утврдување почетна цена за поставување на урбана опрема – покриени и непокриени шанкови со локации.
3. Предлог одлука за поставување урбана опрема – покриени и непокриени шанкови со локации на подрачјето на Општина Охрид за периодот 2023 – 2026 година

Од каде толкава итност за дополнување на дневниот ред со овие точки кога охриѓани се во исчекување дали Охрид ќе успее да си го задржи статусот Град на УНЕСКО. Од една страна, охридскиот градоначалник ја манипулира охридската јавност дека ќе ги спроведе препораките од Извештајот на УНЕСКО, а од друга страна со горенаведените точки со кои се дополнува дневниот ред, не само што нема да се отстранат остатоците од дивоградбите на крајбрежјето и платформите во Охридското Езеро кои не ги отстрани неговиот претходник, туку предвидува градење на шанкови и нови дивоградби, кои секако мнозинството во советот ќе ги изгласа. Она што беше рушено како дивоградби од претходната локална и градоначалникот, сега повторно ќе биде изградено.

Да ја информирам охридската јавност дека од 25 – 27 април, оваа година, во Македонија ќе престојуваат претставници на Бернската Конвенција , UNESKO и IUCN, кои ќе поминат два дена на терен во Охрид и околината, ќе бидат посетени критичните точки на биодиверзитетот за кои УНЕСКО постојано алармира, НП Галичица, Студенчишко блато, Св. Наум, со цел да се утврди дали од страна на локалната и централната власт е направен напредок за надминување на состојбите во стариот дел од градот и заштита на Охридското Езеро, со што Охрид и Охридското Езеро ќе го задржат статусот на универзално добро од исклучителна важност за светско наследство ставено под заштита на УНЕСКО.

Состојбата која ќе ја затекнат сигурно нема да ни донесе позитивен извештај за Охрид, а надлежните никако да сфатат колкаво е значењето на нашето културно наследство, како и значењето на Охрид и Охридското Езеро.

Ваквата постапка на градоначалникот Кирил Пецаков е доказ дека градоначалникот работи само во интерес на неколкумина од т.н бизнис елита и нивните профити, а не во интерес на Охрид и охриѓани. Најверојатно дојде време да им го врати долгот на спонзорите на неговата предизборна кампања.

Дали личните интереси и профитите на неколкуте профитери ќе му пресудат на Охрид, останува да покаже извештајот кој ќе го добиеме по 27 април.

Извор: Левица ЛО Охрид