АктуелноОхрид

(ФОТО) Одржано чествување на ликот и делото на Војводата Ставре Гогов oд Вевчани

Денес во организација на О.К. на ВМРО-ДПМНЕ Вевчани и Патриотскиот институт на ВМРО – ДПМНЕ ,,Гоце Делчев,, се одржа чествување за ликот и делото на Војводата Ставре Гогов.
Со положување свежо цвеќе беше прочитан и реферат за ликот и делото за Војводата и за неговата саможртва за слободна Македонија.
Присутни беа Градоначалникот на општина Вевчани Спасе Кочоски, Претседателот на О.К. на ВМРО – ДПМНЕ – Вевчани – Ѓорѓи Влајнкиноски, Околискиот координатор на Патриотскиот институт на ВМРО – ДПМНЕ ,, Гоце Делчев,, – Тони Симоновски, претседателите на патриотските институти од Вевчани – Жарко Мурџески, од Охрид – Илче Настоски – Торез и од Струга – Тони Костовски како и внуката на Војводата Ставре Гогов како директен потомок – Јасмина Бебекоска и повеќе членови на ВМРО – ДПМНЕ и граѓани на Вевчани.
❗ Ставре Гогов (1884 – 10. IV 1907) е македонски револуционер, член и војвода на Македонското револуционерно движење.
Во 1901 година бил четник во четата на војводата Тале Горанов. Во Илинденското востание се борел во четата на војводата Лука Групчев, а од летото 1904 година станал самостоен војвода.
Предаден и заобиколен од аскерот, откако му завршила муницијата, се самоубил. Македонскиот народ не останал равнодушен кон загинувањето на „младиот спасител на Македонија“ и ќе го овековечат во народните песни.
Ставре Гогов е роден во 1884 година во Вевчани. Останал без образование и работел како, ѕидар. Работел во Ѓаковица, Косово, како и на други места. Во 1898 година Ставре се одменува и се става на располагање на Македонската револуционерна организација (МРО).
Во јули 1901 година заедно со Јаким Алулов и Тасе Христов, Ставре Гогов влегува во организациско-организациската чета на чие чело се наоѓа прилепскиот војвода Тале Горанов. Во ноември 1901 година, Горанов бил заменет и се до доаѓањето на Никола Русински со четата раководи војводата Јаким Алулов, а негов заменик бил Ставре Гогов.
Во 1903 година, Ставре Гогов учествува во Илинденското востание во големата чета на охридскиот војвода Лука Групчев. По задушувањето на Востанието, во постилинденскиот период, тој долго време се бори за илинденските идеали.
Во летото 1904 година, Гогов бил назначен за војвода на струшката чета на МРО и дејствува како активен организатор. Во 1906 година бил ранет од поткупен четник од српската пропаганда.
Во април 1907 година, Ставре пристигнал ноќно време во куќата на својот вујко Трпе Шекутков во родното Вевчани. Меѓутоа Турците дознаваат за посетата на Војводата и турскиот аскер, заедно со башибозукот од Октиси, Лабуништа и Подгорци, уште истата вечер ја опколиле куќата.
Во утринските часови Ставре Гогов и домаќините започнале неравноправна борба. Во меѓувреме, Кота Христова свршеницата на Ставре, успеала да ја помине опсадата и им доставила бомби и патрони. Тоа му овозможило на Ставре и домаќините да дадат силен отпор, а борбата траела од утрото до квечерината, се додека се имало муниција.
На 10 април 1907 година, по завршување на куршумите, Ставре Гогов се самоубива, а со него загинале и браќата Трпе и Кузман Шекутков. Снаата Андрица и трите внуци на Трпе биле ранети. Турците кои имале големи загуби за време на борбата, по завршување на акцијата ја запалиле куќата. Според едни извори Турците имале 27 загинати припадници на аскерот и башибозукот, а според други 117 души.
По загинувањето на нејзиниот свршеник Ставре Гогов, Кота Христова Кузман Пупина Костајчинова го убива предавникот и се вклучува како занаменосец во четата на Стојчо Јанкулов Торбичков од Подгорци.
Вевчанецот Ставре Гогов оставил во струшката околија убави спомени. Тој меѓу народот е познат како добар и бестрашен четник, кавелер со посебна чесност.
Слава му на Војводата!