недела, ноември 24, 2024
АктуелноОхрид

Предлог Законот за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природата на пленарна седница на 16 ноември

На 16.11  во Собранието на Р Македонија ќе се одржи пленарна Седница со точка на Дневен ред за Предлог Закон за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природата (Категорија IV).

Потребата од воспоставување формална заштита на Студенчишкото блато е нотирана во Просторниот план на Република Македонија (2000-2020), поточно во Студијата за природно наследство (2004). Блатото Студенчишта претставува последен глацијален реликтен остаток на блатната вегетација во нашата држава, развиен за време на периодот на плеистоценот.

Блатото е во загрозена состојба заради: присуство на депонија, прекината комуникација со езерото, палење и уништување на блатната вегетација и формирање на обработливи површини.
Ова е прв регистриран случај на исчезнување на една цела растителна заедница, како последица на антропогениот фактор. Студенчишко блато е директно или индиректно засегнато со неколку
плански документации кои имаат извршен карактер. Пред се, тука се мисли на урбанистичко – планската документација која се подготвува на локално ниво, во самата општина каде територијално припаѓа подрачјето. Подрачјето Студенчишко Блато се предложува да добие статус на заштита во категорија IV – Парк на природата, според Законот за заштита на природата. Во предлогот се дефинирани три зони на заштита: зона за строга заштита, зона за активно управување и зона за одржливо користење.

Врз основа на Законот за заштита на природата од 19.06.2021г. во сила е Решение за привремена
заштита на Студенчишко Блато се до усвојувањето на Закон за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата.

Вкупната површина на заштита изнесува 60.23 хектари.

Студенчишко Блато се прогласува за парк на природата заради заштита на геолошките и биолошки вредности, пред се присуство на живеалишта и видови од национално и европско значење.

Со прогласувањето на Паркот на природата Студенчишко Блато се овозможува:
– зачувување на природната состојба на локалитетот Студенчишко Блато преку заштита
на природните и други вредности;
– спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на
живеалиштата и екосистемите;
– создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност и
– одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите.

Границата на Паркот на природата Студенчишко Блато кон исток го следи магистралниот пат Охрид – Свети Наум, почнувајќи од исклучувањето за Хидробиолошкиот завод сè до реката Рача, потоа врти во правец кон запад и ја следи реката Рача сè до асфалтираното шеталиште покрај Охридското Езеро. Оттука границата врти кон север и го следи шеталиштето сè до Студенчишкиот Канал, а потоа врти кон исток и го следи Студенчишкиот Канал сè до Хидробиолошкиот завод каде го следи пристапниот асфалтен пат околу Хидробиолошкиот завод сè до магистралниот пат Охрид – Св. Наум.

Вкупната површина на Паркот на природата Студенчишко Блато изнесува 60,23 хектари.

Во Паркот на природата Студенчишко Блато се
востановуваат следните зони:
– зона за строга заштита,
– зона за активно управување и
– зона за одржливо користење.

Зона за строга заштита претставува дел од Паркот на природата Студенчишко Блато со највисок интерес за заштитата, што се карактеризира со изворни, неизменети карактеристики на екосистемите или има сосема мали промени како резултат на традиционални управувачки практики.

Зоната за строга заштита опфаќа три помали земјишни парцели и ги вклучува преостанатите делови од заедницата на Caricetum elatae. Една од површините се наоѓа во северниот дел од Блатото, близу Студенчишкиот Канал, а преостанатите две површини се наоѓаат во централниот дел на Блатото, помеѓу Расадникот и Охридското Езеро.

Вкупната површина на зоната за строга заштита на Паркот на природата Студенчишко Блато изнесува 5,33 хектари или 8,85% од вкупната површина на Паркот на природата.

извор: Државен инспекторат за животна средина