АктуелноОхрид

(ФОТО) Професори и ученици од Апелдорн, Холандија во посета на Охридската гимназија

Долгогодишната соработка меѓу Охридската гимназија и училиштето КСГ од Апелдорн продолжува. Во периодот од 14 до 21 септември во Охрид престојуваа 24 ученици и двајца професори од Холандија и повторно се дружеа со нашите ученици. Во рамките на посетата, гостите имаа прилика да ги проверат стекнатите знаења за македонската азбука, да научат некој збор од македонскиот јазик и да стекнат претстава за начинот на живот во Македонија преку волонтерски активности во низа наши установи и компании. Преку планинарската тура на која учествуваа и нашите ученици се запознаа со убавините на Националниот парк Галичица и исто така заедно кајакареа по Охридското езеро.

За учениците од Гимназијата ова беше одлична можност да уживаат во воншколски активности и притоа да стекнат нови пријатели и да научат нешто за животот и културата на Холандија.

Нашето училиште изразува голема благодарност до сите установи и компании што им овозможија на учениците од Холандија да научат нешто за нивната работа: Црвен Крст, Касарна Хаб, сендвичарница „Бре’д“, ветеринарна ординација „Вет спирит“, културен центар и музеј „Култура 365“, кафе Шила, библиотека „Григор Прличев“, уметничка галерија „Букефал“, продавница за чевли „Антилопа“, туристичка агенција „Лалетурс“, кожна галантерија Белев, работилница за поправка и изнајмување на велосипеди „Вело Паскали“ и Факултет за информатичка технологија „Св. Апостол Павле“.