Започна топлото време. Децата и возрасните поголемиот дел од денот го поминуваат надвор во парковите и излетничките места, но се жалат дека годинава посебно е изразено присуство на крлежи и болви и бараат совети што да направат. Дел од нашите соговорници кои имаат и миленици велат дека со почетокот на пролетта си обезбедиле соодветна заштита за нив која скапо чини, но се приморани да им ја дадат.
– Имам две кучиња, по препорака на веретинарот им давам апче кое ги заштитува на секои три месеци. Навистина е делотворно, но многу скапо чини, вели наш сограѓанин.
Сопствениците на миленици се категорични дека од суштинско значење е заштитата од паразити и дека тоа не треба да биде избор, туку правило. Користењето на препарати кои ги одбиваат крлежите и болвите и не дозволуваат да се хранат од миленикот има клучна улога во спречувањето на појавата и ширењето на заболувањата кои ги пренесуваат и на луѓето.
Важно е да знаете дека преку заштитата на здравјето на миленикот, индиректно се заштитувате и вие.
Но, не се само милениците тие кои привлекуваат крлежи. Во хируршкото одделение во општата болница постојано се пријавуваат граѓани кои шетајќи низ природа им се закачил крлеж.
-Постојано по пладне со мојата пријателка шетаме низ стариот дел од Охрид. Но за жал имав непријатна случка. Како и секогаш шетавме и седнавме на клупа. Кога дојдов дома многу ме чешаше околу вратот, кога добро погледнав видов дека ми се закачил крлеж. Како и кога не знам. Веднаш побарав медицинска помош. Добра сум, но на сите би им препорачала да внимаваат, вели постара госпоѓа која ја затекнавме на попладневна прошетка.
Докторите даваат совети, велат дека додека спортувате или шетате со миленикот, најдобро е да се движите по средината на обележана патека и да избегнувате контакт со околната вегетација, особено со висока трева. Пожелно е облеката што ја носите да покрива што поголем дел од кожата и да биде светла, за во случај ако се закачи некој крлеж да можете лесно да го забележите и отстраните, затоа што крлежите не се закачуваат веднаш и одредено време се движат по површината на телото барајќи погодно место на кожата.
Инаку каснувањето од крлеж воопшто не е за потценување. Тие ја пренесуваат лајмската болест или борелиозата, која е предизвикана од бактерија – Борелија бургдорфери. Не сите луѓе каснати од крлеж ќе ја развијат болеста. Бидејќи само една четвртина од крлежите се носители на бактериите кои предизвикуваат борелиоза и само 5% од каснувањата резултираат во пренесување на инфекцијата на луѓето. Сепак, во последниве години се повеќе се зборува за Лајмска болест и општата загриженост е што е можно оправдана со оглед на растечката популација на крлежи, феномен предизвикан од климатските промени. На почетокот на летото и есента сме најизложени на контакт со неа, а откако ќе излеземе на зелената трева можеме да се разбудиме со непосакуван гостин во пределот на вратот, по увото, во пазувите или дури и во пределот на препоните.
Затоа искоритете го убавото и топло време, уживајте во природата, но внимавајте.
фото: Охрид 1