АктуелноОхрид

Денес се празнуваат Светите маченици Акиндин, Пигасиј, Анемподист, Автониј, Елпидифор и другите со нив

Христијани од Персија. Пострадаа за време на Сапор (Савориј) во 355 година. Првите тројца беа слуги на дворецот на истиот цар, но тајно Му служеа на својот Господ Христос. Кога беа обвинети и изведени на суд пред царот, тој ги праша од каде се. На тоа одговорија: „Наша татковина и наш живот е Пресвета Троица, единосушна и неразделна, Отецот и Синот и Светиот Дух, едниот Бог“. Царот ги подложи на големи маки, но тие претрпеа јуначки сѐ, со псалмопение и молитва на усните. За време на мачењата и во затворот повеќепати им се јавуваа Божји ангели, а еднаш и Самиот Господ Христос како човек „со лице светло како сонце“. Штом еден од мачителите, Автониј, го виде чудото кога врелото олово не им наштети на мачениците, поверува во Христа и извика: „Голем е христијанскиот Бог!“ За ова веднаш го убија со меч. И многумина други видоа и поверуваа. Тогаш царот нареди и во кожни мевови ги зашија Акиндин, Пигасиј и Анемподист и ги фрлија во морето. Но, им се јави од оној свет свети Автониј со тројца светли ангели, ги изведе светите маченици на суво и ги ослободи. Елпидифор беше царски големец. Кога изјави дека е христијанин и го разобличи царот за убивањето на невините христијани, царот го осуди на смрт. Го убија Елпидифор и околу седум илјади други христијани со него. А оние тројца први маченици најпосле ги фрлија во огнена печка, заедно со дваесет и осум војници и со мајката на царот, бидејќи и тие поверуваа во Христа. Во тој пламен ги предадоа нивните праведни души во рацете на својот Господ.

denovi.mk