АктуелноОхрид

Преполовение на Педесетница

Во средата на раслабениот го празнуваме празникот на Преполовение на Педесетницата, заради почеста на двата големи празници – Пасха и Педесетница, бидејќи тој ден е посреде нив и ги соединува двата. Кај Јудејците имаше три големи празници: првиот – Пасха, кој се празнува во спомен на преминувањето преку Црвеното море, вториот – Педесетница, во спомен на пребивањето во пустината, по преминувањето на Црвеното море, бидејќи педесет денови беа во пустината пред Мојсеј да го прими законот, третиот – Сеници, во спомен на скинијата која Мојсеј ја виде на гората. Откако Христос над раслабениот изврши чудо, Јудејците се соблазнија, затоа што тоа се случи во сабота, и сакаа да го убијат Исуса. Затоа, Тој замина во Галилеја, каде што го изврши чудото со петте лебови и двете риби, од кои што нахрани пет илјади мажи, и нивните жени и деца. Потоа, на празникот Сеници дојде во Јерусалим, но некако тајно. На преполовението на тој празник, влезе во храмот за да поучува. Сите се восхитуваа на Неговото учење, и завидувајќи Му, говореа: „Од каде го знае Тој сето ова, кога не се учел на писмата?“ Новиот Адам, пак, Исус, знаеше сè како и првиот Адам, а бивајќи Бог, беше преисполнет со секаква премудрост. Повторно роптаа против Него и сакаа да го убијат. Христос ги разобличуваше велејќи: „Зошто сакате да ме убиете? Затоа што исцелив човек во сабота? Мојсеј законодавецот заповеда во сабота да се врши обрезание.“ Многу зборуваше со нив и им покажуваше дека Е Оној Којшто го дал законот, и Кој Е еднаков на Отецот. На последниот ден од празникот Сеници, Исус извика со висок глас: „Ако некој е жеден, нека дојде при Мене, да пие“. Во тие поуки, Христос Се покажа Себеси како Месија, Посредник и Оној Кој нè измири нас со Својот вечен Отец. Затоа, празнувајќи го денешниот празник, Го воспеваме Иисуса Христа како Месијата.

denovi.mk