АктуелноОхрид

Започна четвртиот Охрид џез фестивал

Со настапот на учениците и професорите од ОМУ „Методи Патче“, вчеравечер во предворјето на црквата „Св. Софија“ започна четвртото издание на Охрид Џез Фестивал.

‎На свеченото отворање на фестивалот, публиката ја поздрави претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.

‎- Оваа прекрасна музичка манифестација од година во година прераснува во препознатлив дел од културниот живот на нашиот град. Особено ме радува што ова издание носи проширена и разновидна програма, со која Охрид уште еднаш покажува дека има потенцијал за различни музички изрази, за нови уметнички идеи и за врвни музички имиња.

‎Џес фестивалот е вистинско освежување на самиот крај на летната сезона. Во период кога градот, се уште е исполнет со гости и посетители од земјава и странство, ваквите настани дополнително ја збогатуваат културната понуда.

Џезот е музика на слободата и креативноста. Музика која не познава граници и која успева да поврзе различни генерации, култури и музички традиции.

Токму затоа, создавањето простор за џезот на Охридската културна сцена, значи создавање простор за квалитетна и слободна уметност.

‎Од голема важност е тоа што првата фестивалска вечер е посветена на младите музичари. Нивниот талент, ентузијазам и љубов кон музиката заслужуваат да бидат поддржани и афирмирани. Верувам дека и ова фестивалско издание ќе донесе одлична атмосфера и незаборавни моменти за публиката.

‎Општина Охрид ќе продолжи да ги поддржува културните настани кои ја афирмираат уметноста и го потврдуваат Охрид како град со богата културна понуда. Им благодарам на организаторите, на сите учесници и на оние кои придонесоа ова фестивалско издание успешно да се реализира, истакна Божиновски во своето обраќање.

‎Во рамки на програмата, вечерва, 28-ми август, ќе се одржи Етно џез вечер со Сашко Костов и Орхидеја Дукова. На 29-ти август следува вечер посветена на класичниот џез, со настап на Дамјан Пејчиноски – гитара, Зоран Јагоридовски – перкусии, Дејан Милосавлевиќ – тапани, Гордан Спасовски – пијано и Горан Гешовски – бас гитара.

‎Фестивалот ќе заврши на 30-ти август со Меѓународната џез вечер, кога ќе настапи квартетот на Бранко Стерпин од Хрватска со специјалниот гостин Војкан Јоциќ.

Концертите започнуваат во 20:30 часот, а влезот е бесплатен.