АктуелноВидеаВидеоНаш ИзборНаш изборОхридПоследни Вести

(ВИДЕО) ХИДРОАВИОН СЛЕТА ВО ПОГРАДЕЦ: Се отвораат нови хоризонти за туризмот во Албанија, додека во Македонија се креваат еколошки аларми

Поградец, 6 јуни 2026 – Охридското Езеро денеска беше сведок на несекојдневен настан кој го означи официјалниот старт на новата туристичка сезона во Поградец. Амфибиски хидроавион успешно слета во водите на езерото, привлекувајќи го вниманието на бројните туристи и локални жители кои се најдоа на крајбрежјето.
Станува збор за промотивен лет кој утринава полета од Меѓународниот аеродром во Тирана. Со оглед на тоа што овој тип на летала се амфибиски – опремени и со тркала и со пловци – авионот полета од стандардна асфалтна писта во главниот град, а потоа атрактивно се спушти на езерската површина во Поградец.  На овој специјален лет пристигна и албанскиот министер за туризам и култура, Бленди Гонџе, кој заедно со градоначалникот на Поградец, Илир Џаколи, го промовираше овој нов проект.
Едно езеро, два УНЕСКО стандарди:  Што е забрането во Охрид, дозволено е во Поградец и Струга
Иако и албанската страна на Охридското Езеро повеќе од десет години е под официјална заштита на УНЕСКО, денешниот настан уште еднаш ги извади на површина огромните контрасти во управувањето со овој заеднички басен. Јавна тајна е дека на албанската страна е дозволено речиси сè што на македонската страна – поточно во Охрид – строго се забранува или наидува на силен отпор.
Слетувањето на хидроавион е најсвежиот пример за оваа парадоксална ситуација. Јавноста добро се сеќава дека пред извесно време, кога во Македонија се најавуваа слични иницијативи за развој на овој вид егзотичен и активен туризам, или барем да се спомнеа нов пат преку Галичица до Свти Наум, или градба на гондола со жичница до Галичица, веднаш беа организирани протести.
Еколошките здруженија, предводени од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ на социјалните мрежи, тогаш бурно реагираа, алармирајќи за потенцијалното загадување на водата со гориво, бучавата која го загрозувала живиот  свет на планината и езерото.
Но, она што во Охрид се смета за „еколошка катастрофа“ и проблем од национални размери, во Струга и на албанската страна од езерото воопшто не претставува пречка. Додека во Охрид се водат битки за секоја платформа, пловен објект или плажа, Струга со години тера своја сопствена туристичка политика, а Поградец сега оди и чекор подалеку, воведувајќи атракции кои директно ја користат езерската површина како писта.
Авионот слета на езерската површина и се паркира на пристаништето во Поградец каде ги истовари патниците
Авионот слета на езерската површина и се паркира на пристаништето во Поградец каде ги истовари патниците
Дали еколошките стандарди важат за целото езеро?
Додека локалните власти во Поградец и владата во Тирана фокусот го ставаат на економијата , кај македонските еколози останува отворено прашањето: Како може еден ист еко-систем да биде загрозен од едната страна на невидливата граница, а целосно безбеден од другата?
Овој настан јасно покажува дека Охридското Езеро сè уште страда од недостиг на усогласени и заеднички прекугранични правила. Додека Охрид останува под строг лупа и постојан притисок за зачувување на статусот на УНЕСКО преку рестрикции, неговите соседи максимално го користат просторот за економски и туристички профит, нудејќи им на посетителите содржини кои за охриѓани остануваат само недостижен и забранет луксуз.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Ohrid1.com (@ohrid.1)